И Белгија ќе разбере за грешката на кирилица со вакцините за морбили – уште две деца се болни од мали сипаници

Две невакцинирани деца се новите заболени од морбили, а двајца возрасни пак имаат симптоми, но допрва им се прават анализи.

Едното дете е на 18 месечна возраст и е од градинката Фидани во Чаир каде веќе имаше случаи на морбили. Второто е од населбата Јане Сандански и има 4 години. И двете деца не се вакцинирани. Две возрасни лица на кои се проверува примерок, а имаат симптоми се на 28-годишна и на 30-годишна возраст. Едното лице нема ревакцинација, додека на другиот сомнителен случа му е непознат вакциналниот статус, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Четири деца денеска се пуштени од болница, а како новите случаи ќе влијаат врз должината на веќе прогласената епидемија допрва ќе се утврдува. Филипче побара да продолжи вакцинацијата, а последните 5 дена од прогласената епидемија се вакцинирани над 1300 деца.

Веста за новите случаи сепак не успеа да го покрие скандалозниот пропуст на здравствените власти и на увозникот МакедонијаЛек кој на вакцините Приорикс залепил декларација на кирилица со погрешен рок за траење.

За скандалозната грешка која уште еднаш ја намали кревката доверба во државното здравство и вакцинацијата ќе биде известен и производителот ГлаксоСмитКлајн во Белгија. Тие оттаму испратиле соодветни прозиводи, но во магацините на Македонија Лек некој залепил погрешна декларација поради што се најавува одговорност и за компанијата но и за здравствените домови кои прифатиле вакцини со важечки рок за употреба, но со погрешна декларација.

Министерот најавува санкции, не во дворот на министерството, додека надлежните за контрола на лековите бараат внимателност во одлучувањето.

Ги разгледуваме сите можности што се законски предвидени во вакви случаи. Тоа значи дека се разгледува можноста за одземање на дозволата, вклучително и раскинување на веќе потпишаните договори. Ако утврдиме дека пропустот можел да се превенира, ќе го санкционираме. Контролите се во тек и побарав лично да ме информираат. Во ек на епидемија сакам да верувам дека се работи за техничка грешка, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Се уште е рано да се каже за одговорност, не може да прејудицираме. Не станува збор за фалсификат, туку за оригинал лекови. Одговорноста е во Македонија лек што не залепиле нови налепници туку залепиле стари налепници, рече Ќахил Ибрахими, директор на Агенција за лекови и медицински средства (МАЛМЕД).

И додека граѓаните и министерството во грешката гледаат и скандал и сериозен пропуст, од компанијата Македонија Лек велат дека станува збор за помала техничка грешка и со извинување им порачаа на граѓаните да бидат спокојни.

„Mакедонија Лек“ изврши внатрешна контрола. Контролата покажа дека вакцините од марката „Priorix“,се со важечки рок и сигурни за користење. Граѓаните може да бидат сигурни дека сите вакцини се со врвен квалитет и важечки рок, соопштија од компанијата.

Погрешна декларација е најдена на околу 1 процент вакцини, а погрешни декларации се најдени во поликлиника Железничар, во Демир Хисар, Велес и во Свети Николе. Тие количества се повлечени.

Инспекцијата треба да утврди дали со погрешни декларации, можело важечки и исправни вакцини да бидат уништени со што би се предизвикала нова набавка.

Инаку во тек е тендер за набавки на сите вакцини за наредните две години, за што се планирани над 10 и пол милиони евра што е речиси двојно повеќе од последната таква набавка извршена 2017-та.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ