Хари и Меган повеќе не се „кралско височество“

Принцот Хари и Меган повеќе нема да можат да ги користат своите титули „нивно кралско височество“,нема да добиваат пари од јавните фондови за должностите кои ги извршуваат членовите на кралското семејство. Ова е одлуката на Кралицата Елизабета втора, на барањето кое го поднесе брачниот пар пред две недели. Двајцата одлучија да не го живеат кралскиот живот и побараа дозвола да се претопат во обичниот народ.

Во официјалното соопоштение од Кралицата се вели дека „Хари, Меган и нивниот син Арчи, секогаш ќе останат сакани членови на моето семејство. Ги разбирам предизвиците со кои се соочија во изминативе две години и ја поддржувам нивната желба за независен живот“.

За познавачите, начинот на кој Кралицата ја дава дозволата е еден вид засладен отказ.

  • Според мене, ова е еден вид зашеќерен отказ. Мислам дека е многу љубезен, но е едно од оние писма, знаете „Доста ми е, мора да си одите“. Мислам дека е многу, многу суптилно направено и сите нека знаат дека нема шега со кралицата, објаснува Ангела Левин, кралски биограф и автор на книгата „Хари: Разговори со принцот“.

Во одвоено соопштение од Бакингамската палата се вели дека парот од Сасекс повеќе нема да ги користи титулите и оваа одлука почнувца да важи од пролет годинава. Хари и Меган ќе имаат дом во Велика Британија, а тоа е Фрогмор Колибата, која им ја подари кралицата и за чие реновирање потрошија 4 милиони фунти, но останаа уште нереновирани делови од куќата – пари кои ќе мора сами да ги соберат.

Хари и Меган уште од нивниот почеток на врската беа во центарот на вниманието. Во медиумите секојдневно се пишуваше за Меган и нејзината егзотична убавина, но и за дивото минато. Честопати беше мета и на расистички текстови, со оглед на тоа што нејзината мајка е со афро-американско потекло. Препирките со кралското семејство полека се претворија во ненадминливи разлики, па така парот се исели од Бакингамската палата, а пред две недели Хари одлучи да расчисти со кралското семјство.

  • Ова на еден начи е абдикација, од кралското семејство, од страна на Хари. Сега тој и неговото семејство се слободни до една одредена смисла да ги следат своите соништа, да извршуваат добри дела во најширока смисла, но не како дел од кралскиот бизнис, вели Алистар Брус, коментатор на Кралството.

Кралското семејство на Обединетот Кралство постои како идентитет на Британците со векови, тоа е семејство со мисија, со цел, па кога се случува нешто надвор од тоа, може да ја загрози оваа витална институција. За младите Британци, Хари требал да продолжи да ги извршува кралските должности, бидејќи е дел од млада генерација која може да направи многу за младите. Тој е роден во кралско семејство и прашање е дали ќе може да се навикне на животот на обичниот човек.

 

Алиса Шутиноска

 

 

 

 

 

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ