Хан и Дол остварија средби со исклучените членови од ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на ЕПП, Жосеф Дол, на својот Фејсбук профил објави слика и соопштение за својата средба со избрканите членови од ВМРО-ДПМНЕ, со поранешниот министер за здравство Никола Тодоров, реформаторот Петар Богојевски и пратеничката Емилија Александрова. Сите тројца беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ поради нивниот став во врска со Преспанскиот договор.

Дол на средбата нагласил дека сите партии членки на ЕПП мора да ја имплементираат внатрепартиската демократија, да ја почитуваат слободата на мислата и да ги бранат заедничките принципи и вредности, вклучувајќи ја и проевропската ориентација.

Делегацијата на исклучените партиски членови и пратеници денеска имаа средба и со Еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан.

„Сите закани против нив мора да престанат! Сите партии треба да работат на европската агенда која големото мнозинство од граѓаните ја посакува“, напиша Хан на Твитер, објавувајќи заедничка фотографија со тројцата политичари.

Синоќа, Хан објави фотографија и од средбата со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, при што напиша дека Преспанскиот договор мора да се финализира брзо, без пречки и се заблагодари до Мицкоски од кој добил гаранции дека нема да го опстурира Преспанскиот договор во Собранието.

Денеска и од ВМРО-ДПМНЕ испратија соопштение за средбите на Мицкоски во Хелсински, но меѓу нив нема информација за средба со Жозеф Дол.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски синоќа и во текот на денешниот ден, на маргините на самитот на Европската народна партија, оствари низа средби со претставници на ЕПП и лидери на држави од сестрински партии.

Мицкоски оствари средба со Хорст Зехофер, Вице-Кацелар на Германија, Министер за внатрешни работи и лидер на владеачката ЦСУ.

Тој зборуваше со Зехофер за политичкиот прогон врз ВМРО-ДПМНЕ и состојбата на јужната граница на Република Македонија во врска со мигрантската криза.

Претседателот Мицкоски имаше средба и разговор со Антонио Тајани, Претседател на Европски Парламент, на кого му пренесе дека приоритет за ВМРО-ДПМНЕ и понатаму ќе биде ЕУ интеграцијата на Република Македонија.

Средба беше остварена и со премиерот на Република Унгарија, Виктор Орбан, со кого беше разговарано за состојбата во поширокиот регион и потребата од негова интегарација во ЕУ.

Мицкоски се сретна и со Хавиер Хуртадо Мира. Претседател на Демократска заедница на млади на Европа – DEMYC. Најголема организација на центар-десничарски политички подмладоци.

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ