Грција ја испрати нотата до Македонија – Договорот од Преспа стапува на сила

Грција и ја достави на Македонија нотата со која ја информира дека ги исполнила своите обврски за да може Договорот од Преспа да стапи на сила. Се очекува уште вечерва во Службен весник да биде објавен датумот кога стапуваат на сила уставните измени и уставните закони, со кои Република Македонија ќе стане Република Северна Македонија.

Во подготовка на промената на името од зградата на владата рано утрово беа отстранети буквите „Влада на Република Македонија“. Се очекува новото име да биде поставено до утрешната свечена церемонија на подигање на знамето на НАТО пред влдата.

По владата ќе се менуваат и таблите на Собранието, министерствата, граничните премини, амбасадите. Според информациите на Телма веќе се изработени таблите со новото име, а граничниот премин Богородица кон Гриција ќе ја добие прво таблата со новото име. Изработени се и нови интернет-страници на владата и министерствата со новото име.

По нотата од Грција, двете земји ќе испратат заедничко писмо до Генералниот секретар на ОН дека спорот со името е надминат и од кога Договорот од Преспа стапува на сила. Македонија потоа со писмо ќе го информира Секретаријатото на ОН, земјите-членки, како и сите меѓународни организации за новото уставно име.

Меѓуресорското владино тело веќе изработила Национален акциски план за спроведување на идните мерки и активности од Договоро од Преспа кој, како што дознава Телма, треба да биде усвоен на утрешната владина седница.

Препораки за промена на таблите ќе добијат и единиците на локалната самоуправа, а секторите и службите за односи со јавност на државните и јавните институции ќе добијат насоки за употреба на уставното име.

Дел од обврската на Македонија за имплементација на Договоро од Преспа е и менување на во рок од пет години од неговото стапувањето на сила, промена на личните документи на граѓаните.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ