Грипот ја зеде третата жртва, а неделава има рекорден број на заразени

Вирусот на грип зема нова жртва, вкупно трета во изминатите неколку недели, соопштија денес од Институтот за јавно здравје. Станува збор за педесетгодишен пациент, кој имал хронична болест, а вирусот дополнително придонел за компликации и тешка клиничка слика. Се лекувал на Пулмологија на Клинички. Ова е третата жртва, откако претходно почина девојче на Детската клиника, и повозрасен пациент на Инфективна.

Заразата брзо се шири и урива рекорди, велат епидемиолозите од Институтот. 5660 новозаболени се бројките во неделниот извештај, што е за повеќе од 70% споредено со претходната недела. Граѓаните се свесни дека грипот периодов насекаде коси, а секој на различен начин ја превенира болеста.

Болни се пријавени во сите градови низ Македонија, а најмногу заболуваат децата од училишна возраст. Во Институтот за јавно здравје немаат информација од образовните власти, колку деца отсуствуваат од настава поради грип.

И покрај највисокото ниво на зараза токму помеѓу учениците, од Министерството за образование велат дека ја следат состојбата и одлуки ќе носат според тоа. Комисијата за заразни болести редовно заседава, но одлука за вонреден распуст на учениците се уште нема.

Петар Догов

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ