Грчки Хеленик на Арбитража во Париз бара од македонската влада 31 милиони долари, плус камати

Грчки Хеленик Петролеум ја тужи земјава за 31 милиони долари, плус камати, или вкупно, износот би можел да се искачи на над 40 милиони долари. Според сознанијата на Телма, компанијата веќе ја активирала тужбата пред Арбитражниот суд во Париз, со која од државава ќе бара да ја наплати оваа сума, поради непочитување на купопродажниот договор за рафинеријата ОКТА. Со овој договор, склучен во 1999 година, македонската држава имаше обврска во период од 20 години да откупува по 500 илјади тони мазут годишно, но во периодот од 2008 до 2011 нашите власти не ја исполниле таа количина, па Грците бараат преку арбитража да ги наплатат парите. Сепак, финалната сума колку земјава ќе треба да плати, ќе се знае дури после пресудата, која се очекува да биде брзо донесена. Македонската Влада, пак, како што велат изворите, повеќе од една година не влегла во преговори за решавање на овој проблем.

Од владата велат дека вакви арбитражни постапки не се коментираат, но за се околу овој случај јавноста навреме ќе ги добие сите информации.

„Владата не коментира арбитражни постапки, поради сензитивноста на процесот. За сите нови информации, јавноста ќе биде навремено информирана“, велат од Владата.

Пред Арбитражниот суд во Париз, ова е втора тужба од Хеленик. Нашата држава првата ја изгуби од грчката компанија, за што плати сума од 40 милиони долари. Договорот за продажба на ОКТА важеше се до средината на оваа година, и според македонските власти, неговатат штетност е токму во делот на мазутот, односно преземената обврска од наша страна да се откупуваат огромни количини од овој енергенс. Скопската рафинерија ОКТА, пак, од 2011 година наваму не произведува, туку примарна дејност и е трговијата со нафтени деривати.

Високи претставници на Хеленик, пак, присуствуваат на дводневната конференција на магазинот The economist, на која поранешни и сегашни европски функционери, меѓу кои поранешниот италијански премиер Матео Ренци и поранешната грчка министерка за надворешни работи Дора Бакојани, како и поранешната помошничка државен секретар на САД, Викторија Нуланд, дебатираа за иднината на Европа. Се слушнаа критики дека унијата се гуши во бирократија и и недостига визија. Затоа е во опасност, па неодлучноста ќе мора да ја остави зад себе. Утре на настанот ќе говори и македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров, кој ќе говори за Балканот по договорот од Преспа, но и за тоа како енергетиката влијае на регионот.

Од Атина, Нина Нинеска Фиданоска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ

Економија

Шпанската компнаија „Рубау конструксионес“ го раскина договорот со ЈП Државни патишта за изградба на делницата Фариш – Дреново

Шпанската компанија „Рубау конструксионес“ го раскина договорот со Јавното претпријатие за државни патишта за изградба...