Голем пад на водостојот во Преспанското езеро

Драматично паѓа нивото на водата во Преспанското езеро, а најголем пад на водостојот е регистриран деновиве.

Езерото на места е повлечено од 20 до 40 метра, дел од плажите се во кал и тиња,  а дел ги голтаат трската и бујната вегетација. И понтонското пристаниште во Претор е   целосно на суво.

-Тажна е сликата деновиве во Преспа. Поради нискиот водостој, езерото се повлекува и во должина, па тревите и камењата кои беа во вода, сега се на брегот.

Жителите се загрижени за ваквата состојба и велат дека без езерото нема живот во Преспа.

-Овие две три години има енормно намалување. Другите години намалуваше, но не вака осетливо. Има последици врз туризмот, врз овоштарството, врз луѓето воопшто. Ние сме врзани за езерото, вели жител на Подмочани

-Уште ќе се суши, цела зима. Сега ќе стегнат мразеви, изворите планински нема да течат, рече жител на Асамати.

-Се надеваме дека ќе се поврати езерото, зимава со снегот, пролетта со дожд, вели жителка на Претор

Од Секторот за животна средина во општина Ресен велат дека ваквата сосотојба со Преспанското езеро се должи на долгиот сушен период и високите температури. Нивото на водата се намалува континуирано дваесетина години, а алармантно опаѓа во послените години.

-Најголем пад на нивото на водостојот има во моментот и изнесува минус 250 до 260 сантиметри во висина, значи под нормалното ниво на водостојот. Согласно се што имаме на располагање од аспект на податоци, истражувачки информации итн, причина за тоа во голем дел се климатските промени, вели Ајман Ал Малла, раководител на Секторот за животна средина во Општина Ресен.

Од општина Ресен велат дека досега за заштита на езерото и сливното подрачје се вложени 15 милиони долари, домашни и пари од странски донатори.

Се разгледува можноста за органзиирање донаторска конференција за меѓугранично одржливо управување со водите на Преспанското езеро и конкретни мерки за адаптација кон климатските промени.

 Емилија Мисирлиевски

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ