Гласачите длабоко поделени на едни од најзначајните избори во Британија

После Втората Светска војна Британците гласаат на најзначајните парламентарни избори во државата. Избираат меѓу премиерот Борис Џонсон и лабуристот Џереми Корбин, првиот им ветува излез од ЕУ до крајот на јануари, а вториот нов референдум за Брегзит.

Џонсон на гласачкото место се појави придружуван од неговото куче Дилан, а Корбин беше пречекан од демонстрантите за правата на татаковците, тој мораше да се поздрави со маскотата која требаше да го потсети на спорот околу старателството.

Ни едниот ни другиот не дадоа изјави за нивните очекува за исходот од изборите. Гласачите се длабоко поделени, едни очекуваат мала изборна предност на Џонсон, други веќе го испратија во историјата.

  • Што очекувам? Очекувам на изборите да победи Борис Џoнсон веројатно со мало мнозинство, што мислам дека е жално затоа што не мислам дека Брегзит е вистинскиот пат по кој треба да тргне оваа земја. А посебно во формата којашто тој сака да ја искористи со прилично далечен однос со ЕУ. Затоа, мислам дека ќе биде историска грешка, ако се случи тој резултат, вели Џон Камингс, гласач.
  • Да, затоа се движевме надолу од Ливерпул затоа што едноставно имаме чувство дека Борис Џонсон ќе го изгуби своето место и ние само сакаме да биде дел од историјата. Ние ќе излеземе на колеџот Грин подоцна и се надеваме дека ќе го добиеме најдобриот подарок за Божиќ досега, Jереми Корбин да го добие местото во Даунинг стрит, смета Гејвин Вадсон, гласач.

Доколку двете најголеми партии немаат мнозинство, либерал-демократите, кои се залагаат за останување на Британија во ЕУ и шкотската национална партија, која бара нов референдум за независност на Шкотска, може да станат клучен фактор за формирањето ново владеачко мнозинство во Велика Британија.

Според најстарата британска обложувалница „Вилијам Хил“ за опцијата „конзервативците да освојат меѓу 350 и 399 места “ е понудената квотата 5:4, додека, според проценките на обложувачите, шансите лабуристите да добијат мнозинство на изборите се значително помали, па квотата се вреднува 10:1.

Право на глас во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска имаат 46 милиони гласачи, кои ќе решат кој ќе влезе во Долниот дом на Парламентот, во кој има 650 пратеници.

Билјана Ставрова

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ