Германија и Шпанија фаворити против дебитантите

На стартот од натпреварувањето во Ц конкуренцијата од Европското првенство во ракомет, фаворитите за пласман во следната фаза Германија и Шпанија ќе се соочат со селекциите на Холандија и Летонија кои за прв пат во својата историја се дел од континенталниот шампионат.

Програмата во Трондхајм ја отвораат Германија и Холандија, а почетокот на натпреварот е закажан за 18 часот и 15 минути. Германците се единствената селекција која во квалификациите имаше максимален учинок и забележа шест победи во исто толку настапи. Иако ослабени на овој шампионат, селекцијата на Германија е фаворит во овој дуел, а нема да има посериозни проблеми околу обезбедување на пласман во следната фаза. Во тимот недостасуваат дури шест ракометари, а посебно ќе се недостасуваат Фабијан Вајде, Штефан Вајнхолд и Франц Земпер.

Кај Холанѓаните најголем проблем е отсуството на играчот чија специјалност е одбраната, првиот дефанзивец во тимот Гери Ејерс за жал нема да биде на ова првенство.

Аутсајдерот се надева дека може да направи изненадување имајќи го в предвид фактот дека во тимот има шест играчи кои настапуваат или веќе играле во Бундес лигата, а на чело на екипата е поранешниот тренер на Берлин, Ерлингур Рихардсон.

Дуелот во Трондхајм почнува во 18 часот и 15 минути, а за 20 и 30 закажан е почетокот на натпреварот во кој Шпанија игра против Летонија.

Бранителот на трофејот од пред две години е фаворит за освојување на првото место во групата. Во подготвителниот период Црвената фурија забележа три победи во мечевите против Полска, Португалија и Русија и најавија дека се подготвени да го бранат тронот.

Кај Летонците прва ѕвезда е ракометарот на Вардар, Даинис Криштопанс, а во составот има и ракометари кои се дел од екипите во Бундес лигата и токму овој податок им дава надеж дека во дебитантскиот настап на првенствата може да направат по некое изненадување.

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ