Гајсер: Не кажувам со кого соработувам во Македонија

Објавувачот на аудио и видео бомбите за „Рекет“ му предвиди крај на премиерската кариера на Зоран Заев, како гостин – аналитичар во италијанско радио.

Словенецот Ларис Гајсер кој пишува и анализира на порталот „Ла Верита“ од каде македонската јавност слушаше како осомничениот Боки 13 и бизнисменот договараат поткуп од 1,5 милиони евра за влијание во предметот на СЈО „Империја“, не очекувал дека вмешаните ќе признаат, но затоа очекува со овој скандал да заврши политичката кариера на премиерот Зоран Заев.

„Не спиев со денови мислејќи дека луѓето од снимките ќе негираат дека се тие на нив. Очекував дека и така ќе реагираат. Но, сите признаа дека навистина тие се на снимките, нивните гласови. Македонија го смени името како подарок за Грција. По овој скандал, сигурен сум дека Заев ќе ја заврши кариерата на премиер. Заев нема меѓународен кредибилитет“, рече Гајсер.

Прашан од водителот во дебатната емисија, Гајсер премолчи со кого сораборува во Македонија. Целтта на објавите било да се разоткрие системска корупција, и политичка и судска а разговорите ги објавиле за да не исчезнат како докази.

„Сите веруваа дека ние сакаме да ја срушиме Владата што е небулоза. Сум слушнал и гласини дека јас сум му десна рака на Орбан и дека му помагам на Груевски во неговата одмазда, поради тоа што му се случило и потенцирам дека не го знам лично Орбан, ниту Салвини. Не вреди да коментирам такво нешто. Си ја работам работата како коментатор на настаните и верувам во она што го работам.“

Гајсер од свој агол заклучи дека претседателот Пендаровски вчера со прес-конференцијата покажал дека полека се дистанцира од Заев. На прашањето дали се познава со поранешниот премиер Никола Груевски, тој призна дека имал контакт со луѓе на Груевски од минатото, но дека лично не го познава ниту него, ниту Виктор Орбан.

Во полачасовното дебатирање, Гајсер не најави дали ќе продолжи со објавување на нови разговори.

Павле Беловски

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ