Фросина Ременски на увид во доказите за „Меѓународен Сојуз“

Пратеничката Фросина Ременски е во Обвинителството за организиран криминал и корупција за да направи увид во доказите за случајот поврзан со Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски, каде таа е почесен претседател.Но, за разлика од претходниот пат, Ременски овојпат се сокри од медиумите и во Обвинителството влезе од задниот влез.

Ременски е осомничена дека помага во делата „измама“ и „перење пари“  преку Меѓународниот сојуз. Делата ги извршувал Бојан Јовановски, или Боки 13, но Ременски со нејзиното присуство во сојузот оставила впечаток дека проектите за изградба на домови за возрасни лица кој тој ги нуди на бизнисмени за еден милион евра се поддржани од извршната власт.

Ременски беше повикана во обвинителството да даде изјава пред три месеци, и тогаш пред новинарите рече дека не присуствувала на никакви средби со бизнисмени, како и тоа дека не чувствува вина.

Како мерки на претпазливост и е одземен пасошот, не смее да го напушти Скопје, а по претресот во нејзиниот дом и беа одземени два телефони, компјутер и други предмети.

Од следната недела осомничените во оваа истрага ќе бидат повикани да дадат исказ и пред обвинител, потврдуваат од Обвинителствот. Вчера увид направиле и осомничените заменик претседателката на Меѓународниот сојуз, Јасна Мандиќ, и асистентката на Боки13, Кристина Блажевска.  За денеска биле повикани на увид и Боки 13, и неговиот татко Миле Јовановски, кои се исто така осомничени, но тие откажале.

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ