Франција за датумот очекува конкретни работи, како договор за СЈО

Франција очекува исполнување на конкретни работи од страна на Северна Македонија меѓу што и постигнување на договор за СЈО, за да донесе одлука за датум за преговори за земјава.

Амбасадорот Кристијан Тимоние денеска повтори дека дрвото е засадено и се уште се очекуваат плодовите, а плодовите се всушност исполнување на конкретни нешта.

„Се уште од земјата се очекува усвојување на одредени текстови, договор за СЈО… Доколку се надмине тоа прашање ќе се покаже дека големите партии се способни заеднички да се договорат околу една суштинска работа имајќи го во прв поглед националнито интерес. Исто така ќе покажат дека се способни да го надминат минатото и да воспоставата ефикасен систем кој што нема да дозволува повеќе застранувања“, изјави Кристијан Тимоние, амбасадор на Франција.

Еден ден по изјавата на виецепремиерот Бујар Османи дека на земјава не може да и се најдее маана за да не и се даде датум за преговори, Тимоние вели дека треба да се види што е исполнето од земјава и на каков начин од списокот кој Унијата минатиот јуни и го достави на земјава како незавршени работи.

„Списокот го имате и ќе треба да се оценува дали е направен одреден напредок. Знам дека работата е започната и дека голем дел од работата е завршена, но далие  завршено до крај и дали е задоволителна завршената работа ќе треба самите држави членки да оценат“, рече Кристијан Тимоние, амбасадор на Франција.

Османи денеска повторно се пофали со постигнатиот напредок на земјава кон ЕУ.

„Северна Македонија може да се пофали со хармонизацијата во делот на економските поглавја… Ние сме прва земја по однос на економските критериуми за членство во ЕУ, а делиме прво место место во однос на политичките критериму во поглед на усогласување на европското законодавство“, рече Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања.

Францускиот амбасадор пак е на став дека земјите-членки на ЕУ се убедени дека голем напредок е отпочнат и постигнат, но оти сепак секоја земја-членка одделно ќе оценува дали постигнатиот напредокот е доволен за да се оправда доделувањето на датум за почеток на преговорите.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ