Франција бара нов пристап за ЕУ преговорите, можно одложување на одлуката за Македонија

Франција сака да поднесе предлог за нова методологија во пристапните преговори за членство во ЕУ идната недела на министерскиот состанок во Луксембург, со што би можело по трет пат да се одложи одлуката за отворање преговори за Албанија и Северна Македонија, дознава Ројтерс, од дипломатски извори во Брисел.

Иако не станува за официјална позиција за сега, Париз одамна смета дека преговарачкиот процес за членство каков што е сега не е доволно успешен, меѓу другото поради тоа што во земјите кои веќе преговараат се забележува реформски застој или назадување.

Амбасадорите на земјите членки на ЕУ најдоцна утре повторно ќе се состанат да разговараат за ова, но и за францускиот предлог по трет пат да се одложи одлуката за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија, некаде во 2020-та.

Париз предлага да се внесе во заклучоците реченица слична на досегашните со која се залага да се „наврати на прашањето“, а претходно ќе побара Европската Комисија да изготви извештај, и покрај тоа што редовните извештаи за напредокот на земјите од регионот се предвидени во април 2020-та.

Некои земји членки на ЕУ немаат против ревидирање на преговарачкиот процес за проширувањето, меѓутоа сметаат дека тоа не би смеело да доведе до уште едно одлагање на одлуката. Со сличен став денеска се огласи и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

-Секогаш има простор за подобрување и јас сум последниот кој би рекол дека нема, секогаш може да зборувате за методологијата, не треба да замижеме и да одбиеме, но не треба да се држи во заложништво, рече денеска Хан.

Ваквиот став на Франција доаѓа откако денеска ЕП ја отфрли кандидатката на Макрон, Силви Гулар, која беше номинирана за комесарка за надзор на европскиот внатрешен пазар. Гулар, не успеа да ги убеди членовите на Европскиот парламент кои ја испитуваа во врска со тврдењата дека злоупотребила средства додека служела во Европскиот парламент.

Во Брисел денеска интензивно се шпекулира и дека францускиот претседател, Макрон, би можел да биде многу потврд против одлуката за отворање преговори.

Се шпекулира дека, едно од решенијата за да се придобие Франција е да се прифати одвојување на Албанија и Северна Македонија. Од друга страна Италија инсистира да се одобрат преговори за двете земји во пакет, и се очекува силна конфронтација на оваа тема помеѓу Рим и Холандија.  

А.Ш.

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ