Фотографијата од Старата железничка станица на Ива Ангеловска наградена на Европските денови на културното наследство

Четиринаесетгодишната Ива Ангеловска од Скопје е една од десетте млади автори наградени на Повикот на Европските денови на културното наследство насловен „Европска недела на креатори на културно наследство“. Нејзината фотографија беше селектирана помеѓу стотиците креации на млади луѓе од дванаесет европски земји. Фотографијата е насловена „Трагедијата го запира времето. Хуманоста го придвижува“.  Нa фотографијата e претставена Старата железничка станица во Скопје, како сведоштво за големата трагедија што го снајде овој град – катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Фотографијата е проследена со сторијата на Ива за невидената хуманост и солидарност на луѓето од целиот свет и нивната несебична помош во повторната изградба на нашиот главен град.  

Во координација на Музејот на Република Северна Македонија, нашата земја зема учество во овој значаен проект на Европските денови на културното наследство, чијашто цел е да им се даде вистински и значаен глас на децата и младите луѓе и на тој начин да се откријат и поттикнат идните творци на културно наследство во Европа. Како мотивација за нивниот понатамошен интерес за наследството, за авторите на селектираните креации беше организирана посета на Стразбур, која што се одржа од 1 до 3 декмври 2019 година.

Годинава Република Северна Македонија имаше успешно учество во уште еден проект на Европските денови на културното наследство. На Повикот за најуспешна европска приказна поврзана со наследството, проектот „Многу луѓе – многу погледи“ на Центарот за креативни индустрии – НЕБО од Демир Хисар беше помеѓу десетте селектрани приказни, за кои што беа доделени грантови во износ од по 10.000 евра.

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ