Филмските фестивали не добиваат доволно пари од Агенцијата за филм

Друштвото на филмски работници на Македонија, од Агенцијата за филм, годинава ќе добие вкупно 11 милиони денари. Како што може да се види од резултатите по спроведениот конкурс, 9, 5 милиони се наменети за 40 –то,  јубилејно издание на фестивалот на филмската камера „ Браќа Манаки“, а 1, 5 милиони денари за првото издание на ревијата за современи и кратки филмови „ Златна рамка“. „ Браќа Манаки“ е единствен фестивал што годинава е подржан од Агенцијата за филм со 1, 5милиони денари повеќе од лани. Сите други фестивали имаат исти или намалени буџети во однос на минатата година. Од ДФРМ кои го организираат „Браќа Манаки“, велат дека зголемените сретства се должат на јубилејното издание и сметаат дека и покачувањето на сумата не им е доволно. За разлика од овој, фестивалот на европски филм Cinedays ќе добие речиси 4 пати помалку пари како и фестивалите: Џифони-Македонија, наменет за деца и младинци, Скопје Филм Фестивал и фестивалот на креативен документарен филм , Македокс. Фестивалот за дебитански филм , Кине Нова,  по втор пат е одбиен на конкурсот на Агенцијата за филм и за прв пат од Градот Скопје. Организаторите се сомневаат во цензура и одмазда.

  • Ни дава за право за сомнеж дека се работи за цензура , па дури и за еден вид одмазда, затоа што, како што знае јавноста, минатата година одлучивме да го прикажеме дебитантскиот филм на Јани Бојаџи „ Ругање со Христос“, кој што соодветствува на концептот на фестивалот , апсолутно, а наведените институции имаа став дека филмот не треба да се прикажува, вели Небојша Јовановиќ- директор на Фестивалот Кине Нова.

Подржани се проекти кои не ги задоволуваат содржинските и техничките стандарди што се бараат, а не се земени предвид критериумите на конкурсот што ги исполнуваме, дополнува Јовановиќ.

Од Агенцијата за филм , во допис велат дека е неточно и тенденциозно мешањето на филмот „ Ругање со Христос“ , со овој случај и дека „Кине Нова“, не ги задоволил критериумите на конкурсот.

  • Фестивалот Кине Нова и минатата година не беше подржан бидејќи не ги задоволуваше критериумите кои Филмскиот совет при Агенцијата за филм ги земаше предвид, при разгледувањето на сите пријавени проекти, соопштија од Агенцијата за филм.

А од Град Скопје , со одговор дека се ограничени на буџет за култура од 160 милиони  денари.

  • Ако подржувате 4 или 5 кино фестивали , не гледам зошто некој мисли дека би можеле ние да цензурираме, како што рековте. Плус Градот има свој филмски фестивал, вели градоначалникот Петре Шилегов.

Одбиените или незадоволните филмаџии, имаат право на жалба до Агенцијата за филм, во рок од 15 дена по добивањето на решенијата.

 

Сотир Трајков

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ