Филмот Налепница на Георги Унковски денеска на Санденс

Филмот Налепница , снимен по сценарио и во режија на Георги Унковски, денеска ќе има светска премиера на најпрестижниот американски фестивал за независен филм, Санденс. „ Налепница“ ќе биде прикажан во програмата за краток игран филм, а до крајот на 36 издание на „ Санденс“, кое започна вчера, а ќе трае до 2 февруари, ќе има уште три проекции. Филмот е меѓу 74 избрани во оваа селекција, од 27 земји.

„ Налепница“ е црна комедија во која главната улога ја толкува Сашко Коцев. Филмот зборува за неуспехот на еден човек да ја обнови сообраќајната дозвола, но сепак тргнува на пат и заглавува во лавиринтот на бирократијата. Коцев беше протагонист и во краткометражното деби на Унковски „ Пепи и Муто“.  Покрај него, во филмот Налепница, играат : Мони Дамевски, Џевдет Јашари, Љупчо Тодоровски- Упа, Соња Стамболџиоска, Димитрија Доксевски и др. Филмот е во продукција на „ Синема Футура“, а директор на фотографија е Наум Доксевски. Сценографијата е на Кирил Спасевски, костимите се авторство на Роза Трајческа, монтажата ја направи Мартин Иванов, а звукот го дизајнираше Сашко Мицевски.

Краткиот игран филм Налепница , ја доживеа скопската премиера на крајот на септември 2019. Тој не е единствен домашен краток игран филм на „ Санденс“. Во 2018 година, филмот „ Види ја ти неа“ , на режисерот Горан Столески  ја освои наградата за најдобар интернационален краток филм. А во 2019, документарниот долгометражен „ Медена земја“, на режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска освои 4 награди во 3 категории на „ Санденс“- главна награда во програмата Светски филм (за документарци), награда за општествено влијание и специјални награди за кинематограферите Самир Љума и Фејми Даут. Тој е наш кандидат за Оскарите 2020, со две номинации, за странски и за документарен филм.

 

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ