Филмот „Господ постои, името и е Петрунија“ добитник на наградата „ЛУКС 2019“ за филм на Европскиот парламент

Филмот „Господ постои, името и е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска ја доби наградата „ЛУКС 2019“ за филм на Европскиот парламент, која беше доделена на свечената церемонија во пленарната сала во Европскиот парламент.

Прв пат откако е воведена наградата Лукс за филм на Европскиот парламент пред тринаесет години, македонски филм е добитник на оваа награда. Филмот „Господ постои, името и  е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска е копродукција меѓу Северна Македонија, Словенија, Белгија, Хрватска и Франција.

Покрај „Господ постои, името и  е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска за наградата во финалната трка се најдоа се уште и  „Нерешениот предмет Хамарскјилд“ на Мадс Бругер (Данска / Норвешка / Шведска / Белгија), и „Ел Реино“ (Шпанија / Франција) од Родриго Сорогојен.

Наградата од рацете на претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли ја прими, режисерката Теона Стругар Митевска во присуство на главната актерка која ја игра улогата на Петрунија Зорица Нушева и актерката и продуцент на филмот Лабина Митевска.

При добивањето на наградата Теона Стругар Митевска рече дека „Петрунија, благодарејќи на својата отпорност и храброст допре толку многу срца“. Во своето обраќање до европратениците Стругар Митевска барајќи да ги бранат правата на слобода и на збор на уметниците и авторите истакна :

-Јас сум жена, јас сум Македонка, јас сум европјанка, иднината на Европа е во солидарноста во инклузијата, а не во ексклузијата, рече Стругар Митевска од говорницата на Европскиот парламент.

За Наградата „ЛУКС 2019“  гласаа европратениците, оние кои ги видоа филмовите, всушност тие се финалното жири за наградата, откако филмовите беа селектирани од филмски професионалци од земјите членки на ЕУ. 

Европскиот парламент ги покрива трошоците за титлување на трите финални филмови на 24 официјални јазици на ЕУ и изработува дигитална копија на филмовите за секоја од земјите-членки.

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ