Фетел најбрз на „Спа“, се враќа во игра за титулата

Продолжува неизвесноста во формула еден шампионатот. Германецот Себастијан Фетел на „Ферари“ добро ја искористи едномесечната летна пауза и со триумф на легендарната патека „Спа“ го прекина низот од две победи на главниот конкурент за титулата, Британецот Луис Хамилтон на „Мерцедес“, кој за втората позиција имаше послаб резултат за нешто повеќе од 11 секунди на 13 трка што се возеше за Големата награда на Белгија.

Фетел за 52 победа во кариерата стартуваше како втор веднаш зад Хамилтон, но на почетокот го престигна и го задржа водството до крајот за петиот триумф сезонава со кој му донесе радост на „Ферари“ од „Спа“ првпат по пауза од 2009 година.

Трката ја одбележа и сударот во првиот круг на Шпанецот Фернандо Алонсо на „Мекларен“, Германецот Нико Хулкенберг на „Рено“ и Шарл Леклер од Монако на „Заубер“. Целата сцена изгледаше ужасно, но мина добро и без потешки повреди за возачите.

Холанѓанецот Макс Верстапен на „Ред Бул“ беше трет додека бодови на белгиското гран при оосвоија, Финецот Валтери Ботас на „Мерцедес“, двајцата возачи на „Форс Индија“, Мексиканецот Серхио Перез и Французинот Себастијан Окон. По нив низ целта минаа пилотите на „Хас“ Французинот Роман Грожан и Данецот Кевин Магнусен, а топ 10 листата ја заокружија Французинот Пјер Гасли на „Торо Росо“ и Швеѓанецот Маркус Ериксон на „Заубер“.

Во Генералниот пласман кај возачите, Фетел ја намали разликата сега на 17 бодови во однос на лидерот Хамилтон.

Следната трка во шампионатот е за Големата награда на Италија на патеката во Монца закажана на втори септември

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ