Фатмир Битиќи: Годишните одмори да не го кочат процесот на работа

Фатмир Битиќи, советник на премиерот, вели  дека во ниту еден момент нема да се доведе во прашање давање услуги од администрацијата за граѓаните и за бизнисот без оглед на мерките за пандемијата со кои, меѓу останатото, се предвидува администрација да го искористи ланскиот одмор заклучно со крајот на месецов, а од работа се ослободени вработените во овој сектор со деца до 10 години.

-Правото на одмор е законско право на секој вработен вклучувајќи ја и јавната администрација. Но, при давање годишен одмор се внимава на тоа да не биде стопиран работниот процес. Вклучувајќи го ова во суштина во сите институции таму каде директно јавната администрација треба да одговори на барањата на граѓаните и стопанствениците  сметаме дека нема да се направи таков чекор да трпат граѓаните и стопанствениците заради тоа што работниците се на годишен одмор или во одреден случај заради одредени препораки од здравствениот кризен штаб мора да останат дома, рече Битиќи, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во Владата на која ги претстави економските мери за помош на стопанството.

Со сите анализи кои ги преземаме, дополни, ниту во мај ниту понатаму во процесот без разлика како ќе се развива пандемијата нема да изостане тоа услугите кон граѓаните да бидат подмирени во најбрз можен рок.

Доколку до Владата биде доставена иницијатива од граѓанските организации и тие укажат дека заради пандемијата се доведени во прашања работни места во овој сектор, како што вели советникот на премиерот, ќе се разговара и ќе се најде решение.

Битиќи рече дека вработените во сите сектори и сите граѓани се подеднакво важни за Владата, но оти се уште немаат добиено информации дека се секнати фондовите од кои примарно се финансираат граѓанските организации, односно дека заради пандемијата има прекин во финансирањето. –  Ако добиеме од граѓанските организации иницијатива и ни укажат дека заради пандемијата одреден број работни места се доведени во прашање ќе седнеме како што разговараме со сите чинители во делот на социо-економскиот совет и сметам дека ќе се најде решение. Но, треба да ни се укаже да дојдат и да разговараме ако имаат такви проблеми, рече Битиќи.

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ