Економски ефекти од решавањето на спорот ќе има, сега Владата е на потег да испорача реформи

Веднаш нема да почне да тече мед и млеко, но сега, кога е решен спорот за името, пред Владата се натрупани силни обврски за реформи, кои ако правилно се изменаџираат, ќе донесат поволни ефекти врз економијата. Тоа ќе донесе крај на политичките превирања што ќе ги охрабри домашните компании, но поважно е што влезот во НАТО кој се очекува за околу една година, за земјава ќе значи силен безбедносен штит и поголема соработка со членките на Алијансата, но и сигнал за инвеститорите дека сме добра почва за нивните вложувања, смета професорот Поповски. Само по себе, членството нема да донесе економско подобрување, ќе има индиректни бенефити, а за директните ќе мора сами како држава да почнеме да се занимаваме со економијата на посоодветен начин.

Тоа значи, таа да биде попазарно ориентирана, преголемата ингеренција од државата да ја снема од економијата, корупцијата, за која гледаме дека не исчезнува, некако да се намали, влијанието на државните органи кои некогаш се позитивни некогаш негативни, да ги снема, странските инвеститори да дојдат не затоа што ќе им дадеме бесплатно земјиште или ослободување од даноци, тоа горе долу го даваат сите, туку затоа што ќе почувствуваат дека во Македонија има еден правен и еконосмки систем, кој ними ќе им овозможи на долг рок да функционираат, тука е и судскиот систем. Ќе има уште доста работа, вели Никола Поповски, универзитетски професор.

2019, смета професорот, со проектиран раст од Владата од 3,2 отсто и 2,9 проценти од Светска банка, можеби нема да биде најекономската година, но со овие перспективи сега, тоа ќе може да се очекува набргу.

Премиерот Заев, пак, ветува дека Владата отсега натаму целосно ќе им се посвети на домашните задачи, вели, ја подготвивме почвата и засадивме семе, но тоа е само чекор до плодна жетва. Најавува дека власта ќе тргне кон нов реформски и економски поход, за да го обезбеди она што го ветуваше – подобар живот, здравство, фер општество, повисоки плати и социјална правда. Но, сега нема застанување, нема здивнување.

Ова го очекувам од сите министри, сите градоначалници, и на сите одговорни во јавната администрација им порачувам – очекувам секој од вас да работи понапорно, поефикасно и пофокусирано, имаме една заедничка цел, да го подобриме животот на граѓаните, држете ги вашите тимови одговорни. Испорачајте. Граѓаните нема да прифатат било какво одолговлекување, нема да прифатам ниту јас“, вели Зоран Заев, премиер на Република Македонија.

Да ги направиме сите реформи за да ги убедиме инвеститорите дека во земјава имаат безбеден и пријателски партнер. Многу инвеститори, вели премиерот, ја чекаа вчерашната одлука, за сега тие да ја донесат својата за инвестирање.

И бизнисот е со големи очекувања. Битолските стопанственици, велат, веќе ги релаксирале односите со грчките, кои многу помогнале кај грчката Влада за решавање на проблемот. Очекуваат во Битола да се вратат грчките компании, и пораст на извозот.

Оние компании што меѓу 2005 и 2015 заминаа во Бугарија, сакаат да инвестираат во нашата земја повторно. Очекуваме и дека ќе се зголеми нашиот извоз“, вели Марко Велковски, претседател на Регионална Стопанска комора на Битола.

Според спогодбата од Преспа, за регулирање на термините за комерцијална намена, трговски марки и заштитни знаци, годинава треба да се формира меѓународна група на експерти, која во рок од три години треба да ги регулира овие прашања.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ