Економијата порасна за 3,1 отсто во втор квартал, БДП послаб заради изборите и ниските капитални проекти

Предлог најава: Бруто домашниот производ во вториот квартал со нешто послаб раст, 3,1 отсто, наспртоти 4,1 процент во првите три месеци. За експертите причина е фокусот врз претседателските избори и слабите капитални инвестиции. За власта, ова бројка е се уште висока, подобри резултати се очекуваат во втората половина од годината

Вториот квартал донесе послаб раст на економијата. БДП пораснал за 3,1 отсто, откако во првите три месеци тој беше повисок и изнесуваше 4,1 процент. Експертите велат дека бројките се задоволителни со оглед на фокусот на власта на претседателските избори во тој период, но и неискористените капитални инвестиции. Економијата ја извлекол приватниот сектор.

„Во бројките за вториот квартал гледаме континуитет на она што се случуваше и во првиот квартал, а тоа е дека во услови кога мотсуствува и натаму фокус врз економијата и покрај тоа што оваа беше најавена за економска година, сепак дека приватниот сектор презеде одредени активности и тие се забележливи во овие стапки. Да потсетиме и на претседателските избори, целосниот фокус на власта беше врз тој политички процес. И подреализацијата на капиталните инвестиции, тие не беа поддршка на растот, така да целиот тој период има задоволителни бројки, раст воден од приватниот сектор“, вели Марјан Петрески, универзитетски професор.

Сектор на кој најлошо му одело се информациите, со пад за близу пет отсто, а намалување од два проценти има кај преработувачката индустрија. Градежништвото, пак, има раст од 2,8 отсто, послабо од првото тримесечје. Најголем раст од 7 и пол отсто е забележан кај трговијата, а земјоделството отишло нагоре за 4 проценти.

За власта оваа бројка е се уште висока, просекот за првото полугодие е 3,6 отсто, што е над очекувањата. Битен фактор за нив е што бруто инвестициите пораснале за над 11 проценти, но и потрошувачката, поради растот на платите. Подобри резултати, вели вицепремиерот Анѓушев, се очекуваат во второто полугодие, тој е оптимист дека ќе се искористат сите капитални инвестиции што преостанаа по ребалансот, но и тие надвор од буџетот.

„Има многу проекти што ќе се реализираат во третиот и четвртиот квартал, но и тие што се преку ЈП за патишта, од јуни се разреши проблемот со финансирањето со ЕКСИМ банката на автопатот Кичево-Охрид, тој сега интензивно се гради“, вели Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.

Рецесијата на германската економија во третото тримесечје засега не предизвикува намалени нарачки за македонските компании што таму извезуваат. Напротив, тие се зголемени, но Владата ќе го следи овој процес.

Власта се пофали со намалената невработеност, која во вториот квартал падна на 17,5 отсто, или за тие три месеци имало над 4.800 нови вработувања. Преку мерката субвенции на придонесите таа ќе им помага на фирмите да ги задржат квалитетните вработени.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ