Екипата на „Медена земја“: Не освоивме Оскар, ние сме свесни за големината на овој филм

И покрај големите очекувања македонскиот документарец „Медена земја“ кој беше номиниран за прв пат во историјата на Американската академија во две категории  за најдобар документарен и за најдобар странски филм не освои ниту еден оскар. За докуменарен филм наградата годинава му припадна на „Американска фабрика“ на режисерите Стивен Богнар и Џулија Рајхарт, кој воедно е прв филм на продуцентската компанија на Барак и Мишел Обама – „Higher Ground Productions“. За екипата на „Медена земја“ и самиот факт дека  филмот беше номиниран во две категории кажува едно: дека добра приказна е добра приказна. Тие во својот фејсбук статус се заблагодарија на сите кои ги бодреа и на Атиџе бидејќи им овозможи да бидат гласници на нејзината порака која во себе крие длабока филозофија.

И покрај тоа што „Медена земја“ не доби Оскар, сосема сме свесни за големината на овој филм, за значењето на пораката што ја пренесува, за силата на бескрајните приказни што се кријат во оваа земја и за многуте наши талентирани уметници кои знаат како тие приказни да ѝ ги покажат на публиката, се вели во пораката од екипата на „Медена земја“.

И Атиџе со своја порака:

Сакам публиката да извлече само една порака од филмот: како што јас споделувам со своите пчели, така сакам и сите луѓе да споделуваат едни со други.

Јужнокорејскиот филм „Паразит“ (Parasite) на режисерот Бонг Џун хо  е апсолутен победник, кој ги доби четирите оскари:  за најдобар филм, најдобар меѓународен филм, најдобра режија  и оригинално сценарио.

Хоакин Феникс го освои својот прв Оскар, за улогата на Џокер во истоимениот филм, а Рене Зелвегер својот втор Оскар за улогата на Џуди Гарланд во „Џуди“.

Добитници на Оскарите за најдобра машка и женска споредна улога се Бред Пит и Лора Дерн,  за улогите  во „Беше еднаш во…Холивуд“ и „Брачна приказна“.

Нина Стефанова

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ