ЕХФ со најцрно сценарио за македонскиот ракомет

За прв пат по 12 години македонската машка ракометна репрезентација нема да биде дел од Светското првенство. Европската ракометна федерација реши да ги откаже баражите за настап на Мундијалот во Египет каде пласман обезбедуваат првите 14 селекции од последниот континентален шампионат. А Извршниот комитет на ЕХФ денеска реши Вардар и официјално да не ја брани шампионската титула.

На денешниот состанок ЕХФ донесе најлоши можни одлуки за македонскиот ракомет. Се реализираше најцрното можно сценарио кое неодамна се најави, а тоа е дека ЕХФ ги откажа баражите за пласман на Мундијалот и според тоа репрезентацијата на Македонија нема да се соочи со селекцијата на Франција, која директно обезбеди настап на Светскиот шампионат.

Покрај Триколорите учество првенството ќе обезбедат 14-те најдобро пласирани селекции на континенталното првенство и тоа Словенија, Германија, Португалија, Шведска, Австрија, Унгарија, Белорусија, Исланд и Чешка, заедно со веќе пласираните Шпанија, Хрватска, Норвешка и Данска.

Предвреме завршија и женските квалификации за Европскиот шампионат. Нашите ракометарки имаа минимални шанси за евентуален пласман, но со админстративна одлука останаа без можност тоа да го потврдат и не терен.

Учество на првенството што треба да се одржи во Норвешка и Данска покрај домаќините ќе партиципираат Франција, Русија, Холандија, Романија, Шведска, Унгарија, Црна Гора, Германија, Србија, Шпанија, Словенија, Полска, Чешка, Хрватска

Поради проблемот со организирањето на натпреварите од завршницата во Лигата на шампионите, Европската федерација донесе одлука да не се играат двете елиминациски рунди, а двете најдобро пласирани екипи од А и Б групата да настапат на завршни`от турнир.

Според оваа одлука Вардар нема да го игра осминафиналето против Пик Сегед и нема да биде во можност да ја брани титулата од минатата година. Директно учество на Фајнал фор обезбедуваат Кил, Веспрем, Барселона и Пари Сен Жермен.

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ