Една година од смртта на планинарите Калина и Александар

Една година живеат во болка. Родителите на планинарите Калина Велевска и Александар Миновски цела година трагаат по вистината. Тропнале на повеќе врати во Македонија и Грција, разговарале со други планинари, сведоци, а ја минале и кобната патека на своите деца до Кајмакчалан. 365 дена подоцна болката се уште ги тишти а одговорот се уште не ги добиле.

Родителите сакаат што побрзо да ја дознаат вистината, но и во Македонија и во Грција се уште водат предистражни постапки.  За смртта на своето чедо Велевски не сака никого да обвини затоа што очекува тоа да го каже обвинителството. Сепак потрагата го донела до многу информации поврзани со смртта на неговата ќерка, поради што заклучува дека целата приказна е многу замрсена.

Од скопското обвинителство велат дека во декември ги добиле обдукциите, записниците и другите документи од грчка страна, ги превеле и сега ги анализираат. Шефот на обвинителството Рајчев неодамна во интервју за Телма рече дека биле сослушани родителите, 10 сведоци и еден осомничен, а се најавуваат и други сведоци. Подолго време се чека МВР да го вештачи пронајдениот телефон на Калина, за да се добијат податоци од комуникацијата на кобниот ден кои би помогнале во расчистувањето на случајот.

Средбите со планинските врвови, љубовта кон планинарењето, Калина ги преточила во бројни  репортажи објавени на интернет. Омилените текстови, нејзиниот татко ги собрал во една книга „Дневникот на една планинарка“ чија промоција е вечерва МКЦ.  Вчера пак 500 планинари во чест на Калина и Александар се искачија на врвот Клепа.

Елена Ивановска Мукоска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ