Еден рудар загина, двајца повредени во рудникот „Тораница” кај Крива Паланка

Загина 57 годишен рудар во рудникот за олово и цинк Тораница во Крива Паланка, додека двајаца негови колеги се повредени. Според првичните информации од МВР несреќата се случила околу 12 часот при минирање во јама во рудникот. На лице место од одронот на карпи во самата јама починал рударот БМ, додека со повреди се здобиле двајцата рудари на возраст од 32 и 30 години од Крива Паланка и селото Мождењак. Повредените рудари се веднаш пренесени во Клиничката болница во Куманово. Директорката на болница, Снежана Захариева за Телма вели дека рударите се надвор од животна опасност и се со полесни повреди, а се хоспитализирани на одделението за хирургија.

„Со оглед на природата на самите повреди, значи се работи за експлозијапри која што имаме голем притисок кој може да доведе до оштетување и на долните респираторни патишта и на слушниот апарат, кај истите се направени прегледи од страна на специјалисти и не се констатирани поведи. Двајцата пациенти ќе бидат задржани на хируршкиот оддел на опсервација“, ни изјави д-р Захариева.

Рудникот Тораница е во сопственост на бугарската компанија Булмак, којашто во земјава влезе како инвеститор по стечајните постаки на рудниците Злетово во Пробиштип и Тораница во Крива Паланка. Рударски инспектор и јавен обвинител вршат истрага во јамата на рудникот.

Според претседателот на Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство Пеце Ристески несреќата е последица на недостатокот и занемарувањето на стандардите за безбедност при работа.

„Ова е последица на недостатокот на синдикат кој на некој начин се јавува како контролор на завршените работи од аспект на безбедност и здравје при работа, а исто така и нефункционирањето на одредени институции на системот, бидејќи до сега за ниедна несреќа со смртни последици немало одговорност прогласена на страна на работодавачот или сопственикот“, вели Ристески.

Несреќата попладнево во полицискката станица во Крива Паланка ја пријавил раководителот на машинско одделение.

Од СВР Куманово информираат дека се уште трае увидот на местото на настанот.

Викторија Димитрова Јованова

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ