ДЗР: Пропусти во изведбата на барокната фасада на МЕПСО и незаконски високи К15

Бројни пропусти при изведбата на барокната фасада на МЕПСО констатиртале државните ревизори во извештајот за работењето на оваа државна компанија во 2016, а утврдено било и прекршување на неколку закони. Работите врз објектот не се довршени, а вработените и по четири години од склучувањето на договорот, работат во тесен простор, во помал дел што е само една третина од вкупниот простор од зградата.

„Извршени се редовни работи и вишоци во износ од 87.879 илјада денари кои претставуваат предмет на судска постапка, дополнителни работи во износ од 1.200 илјади денари кои не се регулирани со анекс договор, непредвидени работи во износ од 13.111 илјади денари кои не се уредени со договор, а според информациите од надзорот за завршување на наведените работи потребни се уште 27.558 илјади денари и не е извршено осигурување на објектот“, се наведува во ревизорскиот извештај.

Конкурсот за избор на идејно решение на фасадата на МЕПСО бил распишан во март 2012 година, и уште тогаш се влегува во спорни моменти, бидејќи предмет на конкурсот е изведба на нова фасада на целиот објект, иако компанијата тогаш не ја поседувала целокупната површина на зградата. Три идејни решенија биле избрани и бидејќи се констатирало дека сите можат да се користат за натамошна разработка, доделени се сите три награди во вкупна вредност од 800 илјади денари.

Основниот проект не содржел елаборат за енергетска ефикасност, иако самиот договор за реконструкција на фасадата се правел токму со цел таа да се подобри.

„Наведените состојби не се во согласност со одредбите од Законот за трговски друштва, Законот за јавните набавки и законот за градење, упатуваат на отсуство на синхронизација, неодговорно и несовесно работење, како и на непреземање на соодветни дејствија за заштита на интересите на друштвото од страна на одговорните лица“, пишува во извештајот.

Се наведува и дека фасадата не била завршена во првично предвидениот рок од 18 месеци и дека објектот не е предаден во употреба до денот на известување од извршената ревизија, односно дури 24 месеци по истекувањето на првичниот рок.

ДЗР му препорачува на МЕПСО да ги преиспита активностите, а објектот брзо да го стави во функција.

Уште еден куриозитет од ревизорскиот извештај е што вработените во МЕПСО во истата година си поделиле К 15 од 22.256 денари, кој го надминува законскиот лимит од околу 13 илјади денари.

Ќе понесе ли некој одговорност за големите пропусти направени при обезбедување на нова бела барокна облека за МЕПСО, но се уште не и функционален објект, тешки милионски суми евра. Неодамна од новото раководство на МЕПСО за Телма изјавија дека сите утврдени нерегуларности ќе бидат испратени до надлеѓните органи.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ