Две жртви во турска воена операција „Мирна пролет“ врз Сирија

Двајца цивили се првите жртви од денешната воена офанзива на Турција во северна Сирија. 20 други цивили се повредени во пограничниот сириски град Рас ел Аии, кој беше прв на удар на турската артилерија која продолжи со пет други локации…Операцијата мирна пролет ја најави Ердоган на Твитер. Напиша дека мисијата е да се елиминра терористичкиот коридор долж јужната граница на Турција и да се создаде безбедна зона за да можат сириските бегалци да се вратат дома.

Меѓународната заедница изрази загриженост за воената операција и побара итен прекин. ЕУ, која веќе и плаќа на Турција шест милијарди евра за да го спречи мигрансткиот бран, порача дека нема да дава повеќе пари.

Но, од НАТО порачуваат на разумно користење на воената сила за да се избегнат човечките жртви.

  • Турција страдаше од страшни терористички напади и е домаќин на милиони сириски бегалци. Важно е да се избегнат акции кои можат да го дестабилизираат регионот, да ескалираат тензиите и да предизвикаат поголемо човечко страдање, порача генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Ердоган е упорен во намерата да ги врати во Сирија четирите милиони бегалци кои, од почетокот на сириската војна, се сместени во пограничните кампови во Турција. Во текот на годините, помош е побарана од Америка, но официјална Анкара смета дека Вашингтон не успел да ги исполни ветувањата, и се има чувство дека само го туркале проблемот под тепих.

  • Овие обиди беа само одлагање на проблемот и нашето трпение помина, сега сме решени да создадеме безбедна зона на нашата граница за безбедност на нашиот народ и за спас на Сиријците од угнетувањето и од суровата терористичка организација, вели турскиот амбасадор во Велика Британија.

Конфликтот е компликуван поради  курдските сили, кои се сојузници на Америка во борбата против ИСИС во Сирија, но се во постојан раздор со Турција, која ги обвинува дека соработуваат со движењето за независност на Курдистан, кое според турските власти е терористичко движење. Откако, американскиот претседател пред два дена одлучи да ги повлече војниците од Блискиот Исток, прокурдските сили се исплашени дека Турција има за цел и нивно чистење. Турската војска денеска ги нападна и нивните упоришта, при што загинаа 16 курдски војници. Најавуваат дека ќе се бранат, но операција „Мирна Пролет“ несомнено ќе биде уште една битка за сириските погранични бегалци кои чекаат да заврши агонизирачки долгата војна.

Алиса Шутиноска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ