ДУИ или некој друг одлучи? Билент Саљии заменик-генерален директор на МЕПСО

Кога си заминуваше од Министерството за правда, поранешниот министер, Билент Саљии, не знаеше кое ќе му биде следното работно место. Изјави дека таа одлука не зависи од него, туку од ДУИ.

Дали партијата, или некој друг одлучи, не се открива, но поранешниот борец на ОНА, Саљии, кој доаѓа од огранокот на ДУИ во Врапчиште, од денеска е заменик-генерален директор во МЕПСО. Дипломираниот правник, пред да стане министер за правда бил директор на „Комуналец„ во Врапчиште, па директор во Инспекторатот за лов и шумарство, а сега ќе управува со преносот на електрична енергија. Македонскиот електропреносен систем оператор, скратено  МЕПСО, е компанија во целосна државна сопственост, чија основна дејност е непречен пренос на електричната енергија низ високонапонската мрежа и управување со електроенергетскиот систем и редовен и навремен ток на електрична енергија. Покрај дистрибутивната мрежа на ЕВН, нивни клиенти се  директните потрошувачи Бучим, ОКТА, Макстил, Усје, Југохром, Скопски Легури, Фени, Македонски Железници и други. Од МЕПСО изјавија дека Саљии е избран од страна на Надзорниот одбор, за плата од 78 илјади денари.

Од владата тврдат дека тие немаат никаква врска со назначувањето.

Саљии пред неколку месеци си поднесе оставка на функцијата министер за правда, со образложение дека е револтиран од одлуката за случајот со малиот Алмир. Со тоа, всушност го отстапи местото за СДСМ, кои го трампаа ресорот Образование со ДУИ.

Далиборка Дамјанска Цветановска

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ