Државата конечно ќе плаќа за складирање – трошокот ќе влезе во цената на бензините

Државата конечно ќе почне да им плаќа на приватните компании за чувањето на нафтените резерви на земјава, а тој повисок трошок ќе влезе и во пресметката на цената на бензините, со новата методологија која ќе стартува веќе од наредниот месец. Фактот што државата со години наназад не им го подмируваше овој трошок на складиштарите, беше жестоко критикуван од Европската енергетска заедница, признава првиот човек на Регулаторна.

„Имаме сериозни забелешки од Енергетската заедница да ја зголемиме количината на задолжителчните нафтени резерви, И ние апсолутно ќе треба да го платиме и складиштниот простор кон компаниите кои што ја чуваат таа нафта, и според информациите што ги имам, тој проблем е разрешен, и сите трговци со нафта и нафтени деривати кои во своите резервоари чуваат и државна нафта, како што е логично, ќе им се покрие тој трошок“, вели Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.

Граѓаните со купувањето на секој литар гориво и досега плаќаа и за оваа ставка, но Бислимовски тврди дека всушност плаќале само за обезбедување на резервите, но не и за нивно чување. Очекува дека проблемот конечно ќе биде затворен во интерес на сите заинтересирани страни.

Старата методологија за формирање на цените, која беше задолжителна поради договорот со ОКТА, истекува на 8 мај. За да се донесе новата треба да влезат во сила измените на Законот за енергетика, кои по втор пат поминаа во Собранието, откако првиот пат указот не го потпиша претседателот Иванов.

Дали со новата методологија може да се очекува поевтинување на горивата во малопродажба, Бислимовски вели дека е прерано да се каже, бидејќи станува збор за сосема нов концепт, кој нема да пресметува производна цена, туку основна работа што ќе се зема предвид ќе биде цената на нафтата на светските берзи.

„Притоа ќе треба да се додадат и оопределени трошоци, како што се премиите што ги имаат сите трговци, транспортот кој го имаат од пристаништата до својот складиштен простор тука во државата, потоа трошок за транспорет од нивните складови до бензинските пумпи, и се разбира, ќе биде вкалкулиран некој трошок и за маржа“, вели Бислимовски.

Во цената ќе влезат и давачките кон државата, како и оние за заштита на животната средина. Очекуваме дека цените ќе бидат тука некаде, што значи нема да предизвикаме ценовни шокови, уверува првиот човек на Регулаторна, потсетувајќи дека во земјава се вози по најевтини бензини во Европа.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ