Драмски стана дел од новата регионална театарска унија

Драмскиот театар од Скопје, стана дел од новоформираната регионалната унија на театри- РУТА, информираат во допис од оваа театарска установа. Унијата е формирана на иницијатива на Белградско драмско позориште, со цел, поврзување на шест репрезентативни куќи од поранешната заедница, во естетска, репертоарска, но и организациска смисла. Унијата претставува одлична можност театарските куќи да се презентираат и промовираат во регионот и секако да се направи пат за понатамошни ко-продукции или други форми на соработка, се вели во дописот.

РУТА е составена од: МГЛ Љубљана- Словенија, Театарот Улисис – Загреб, Камерен театар 55- Сараево, Градски театар – Подгорица, Драмски театар- Скопје и Белградско драмско позориште. Во изминатите три месеци, претставниците од овие театри имаа бројни состаноци и успеаја од една иницијатива да стигнат до „Протокол за соработка“, потпишан од сите театри, во кој се наведени понатамошните чекори кои оваа унија треба да ги превземе, велат од Драмски.

Уникатноста на РУТА е нејзиниот модел на функционирање. Во текот на една календарска година ќе се одржат 6 фестивали во сите земји – членови на унијата. Секој театар може да настапи со претстава по сопствен избор. Фестивалот има ревијален карактер и една од целите е во текот на годината да се задржи континуираното присуство на овие театри пред домашната публика. Првиот фестивал од низата која следува ќе се одржи во Белград, во Београдско драмско позориште, кое ќе започне на 1.12., а ќе трае до 6.12. На 1.12. Београдско драмско позориште ќе ја изведе премиерата на претстава „Лилиом“, на 2.12, театарот Улисис ќе ја изведе претставата „Бакхи“, на 3.12. Градскиот театар од Подгорица ќе ја изведе претставата „Дон Кихот“. На 4.12. Камерниот театар 55 ќе ја изведе претставата „Мирна Босна“. На 5.12. настапува Драмски театар Скопје со претставата „Крал Иби“ и за крај, на 6.12. МГЛ Љубљана ќе ја изведе претставата „Тивок здив“, дополнуваат од Драмски театар во дописот.

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ