Драмски ќе добие нов в.д. директор, Висар Вишка назначен за в.д. во театарот во Гостивар

По јавното разрешување на директорката  на Драмски театар,Викторија Рангелова – Петровска, од страна на премиерот Заев, во средината на јули, како дел од проветрувањата во јавните установи, театарот летово работеше со разрешен раководен кадар. Но, од Министерството за култура најавија наскоро назначување нов в.д. директор, од редот на вработените.

  • Доскорашната директорка на Драмски театар, Викторија Рангелова- Петровска, до Министерството за култура достави оставка, по што согласно законските процедури ќе се назначи вршител на должност, директор на оваа национална установа, од редот на вработените, велат од министерството.

По оставката на в.д. директорот на театарот во Гостивар, Берат Салиу, поради отсуство на вработени во овој новоформиран театар, согласно одредбите од законите за култура и за установи, од редот на уметниците за в.д. директор е именуван Висар Вишка, актер во МНТ со интернационална кариера и советник на претходниот министер за култура, Асаф Адеми. Од министерството велат дека реализацијата на програмата во театарот од Гостивар,  ќе продолжи откако ќе завршат сите административните процедури околу назначувањето на Вишка .

По разрешувањето на директори на установи од културата во летниот период, назначени се в.д. директори во Завод и музеј во Охрид- Даниела Недељковиќ, во Центарот за култура во Прилеп- Марија Спиркоска Илиеска, и во библиотеката „ Гоце Делчев“ во Штип-Зоран Костовски. Од Министерството за култура велат дека наскоро ќе бидат објавени огласи за избор на директори во установите каде сега се назначени в.д. директори. Во тек е тендер за избор на весници во кои министерството ќе ги објави огласите за директори, дополнуваат од ресорот Култура.  

Тв Телма побара одговори од Владата, кога и кој ќе ја наследи пензионираната директорка на Управата за заштита на културното наследство, Елеонора Петрова-Митевска? Но, одговор не добивме. Одговорот изостана и од Град Скопје, на прашањето, зошто се пробиени сите законски рокови за избор на нов директор на МКЦ.

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ