Договорот за името – толкувања наместо објавување

Македонската и грчката Влада најверојатно во исто време официјално ќе го објават текстот на целиот Договор за името, можеби и во текот на утрешниот ден. Во меѓувреме се појавија делови од овој договор во грчките медиуми како нон-пејпер доставен од извори во грчката влада, што во Скопје се отфрлаат како интерпретација и толкувања кои не се соодветни со точките од Договорот. Како на пример, дека Договорот е целосно во согласност со грчките црвени линии, дека е голем дипломатски успех за Грција, како и дека името Република Северна Македонија ќе биде признаено без англиски превод.

Од Владата се обидуваат да разјаснат многу недоумици кои се појавија откако премиерите Заев и Ципрас објавија дека е постигнато решение на спорот. Потврдено е дека нема да се менува македонската химна, знаме и грбот, затоа што тие не биле ниту предмет на преговорите. Затоа пак македонските граѓани ќе ги менуваат сите лични документи со новото име на државата, но во редовна процедура, откако ќе им истече рокот на важност. Исто така ќе се менуваат и имињата на државните институции.

Договорено е и дека спомениците на Александар Македонски и другите ликови од антиката нема да се острануваат, туку ќе добијат плочки со објаснување.

Договорот за името утре најверојатно најпрво ќе биде разгледан на владина седница, а потоа ќе се објави во јавноста. Во Грција за петок е закажана седница на Парламентот на која ќе се разгледува, а нејверојатно потпишувањето ќе се случи в сабота во Преспа на грчка територија. Во текот на следната седница Договорот меѓу Македонија и Грција ќе се ратификува во македонското Собрание.

Сања Васиќ

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ