Договорот со Македонија, главна тема во Грција

За едните историски за другите проблематичен, но за сите во Грција е главна тема постигнатиот договор. Медиумите во Грција денеска го анализираат договорот, што доби а што загуби едната или другата страна, но и кои се придобивките од затворањето на спорот за името. Коментарите се во зависност од ориентираноста на медиумот, дали е близок до владата или пак до опозицијата.

„Национален пораз за малку ветувања“ е централниот наслов на денешното издание на весникот „Елефтерос типос“, додека пак весникот „Авги“ кој важи за гласник на СИРИЗА, на пишува дека со договорот за македонското прашање направен е „Историски чекор“ за стабилност и мир на Балканот.

Лидерот на Нова Демократија Кирјакос Мицотакис побара интервенција од грчкиот претседател, за договорот, пред да биде потпишан да биде донесен во парламентот. Според Мицотакис договорот е лош а актуелната грчка влада нема политички легитимитет да го потпише договорот.

„Тоа е најмалку што господинот Ципрас може да направи денеска, да обезбеди дека барем уставот на земјата е испочитуван. Јас ќе сторам се што е во моја моќ и ќе ги исцрпам сите средства кои ги имам во дебатата во Парламентот. Но верувам дека вие, како регулатор на владата, но и како личност која добро го познава уставниот поредок на земјата, можете да интервенирате“, истакна Мицотакис.

Портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос обвинувањата од Мицотакис ги нарече апсурдни и го повика лидерот на опозицијата да поднесе интерпелација доколку се сомнева во подршката на владата.

„Премиерот и министерот за надворешни работи имаат право, по службена должност да потпишуваат меѓународни договори. Сега, ако Господинот Мицотакис во прашање ја става подршката на владата во парламентот, тогаш нека поднесе иницијатива за недоверба. Прашањето за Мицотакис е дали сака или не, да претрпи уште еден парламентарен пораз“, вели Ѕанакопулос.

Неофицијално, во новинарските кругови во Грција, се споменува можноста, лидерот на опозициската Нова демократија до претседателот на грчкиот парламент да достави барање за гласање на недоверба на владата. Особено затоа што и коалицискиот партнер на СИРИЗА во владата партиајта Независни Грци се против договорот. Доколку се потврдат овие информации, предлогот би бил доставен или утре или во петок.

Игор Трајков

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ