Доделени наградите „Св. Климент Охридски “

Заминувањето на младите луѓе кои ја напуштаат државата и поразителните резултати на испитот по знаење веднаш треба да алармира да се запрашаме кој ќе седи утре во нашето Собрание, кој ќе предава на нашите универзитети, кој ќе суди во нашите судови, кој ќе лекува по нашите болници, забележа академик Влада Урошевиќ во своето обраќање на врачувањето на државната награда „Св. Климент Охридски“.

Станува збор директно за нашата иднина и таа забрзано пристигнува, рече Урошевиќ.

 “Деновиве пристигна до нас поразителна вест: нашите ученици средношколци стојат, според покажаното знаење, на меѓународната листа некаде при дното. Од 79 земји, во кои е спроведено тестирањето  нашите деца зазеле 67 место. Зад името на нашата земја има само една дузина послаби резултати. Од сите лоши вести што во последно време доаѓаат од светот оваа е, ми се чини најлошата: ваквото рапидно паѓање на нивото на знаењето  во меѓународна конкуренција – за мене е рамно на катастрофа” – предупреди претседателот на одборот за доделување на државнаат награда, академик Влада Урошевиќ.

Сите годинашни добитници на наградата „Св. Климент Охридски“ ги добиваат наполно заслужено и се признание за резултатите во областите на кои дејствуваат, додаде Урошевиќ. Во името на наградените се заблагодари писателот Димитар Башевски.

“Убаво е што сред дневната гласност, сред бучавата од партиски, политички правни и сообраќајни гласови во ваквите прилики за еден момент се свртува вниманието кон нешто што трае подолго и што е поврзано со сфери како што се науката, културата, литературата и образованието” – изјави добитникот на наградата “свети Климент Охридски, ”Димитар Башевски,.  

Годинашни добитници на државната награда „Св. Климент Охридски“ се проф. д-р Агим Паљоска, во областа на воспитанието и образованието, за остварување во областа на културата и уметноста покрај Димитар Башевски добитници се Весна Ѓиновска-Илкова и Виолета Томовска.

Наградата за остварување во областа на здравството, му беше доделена на проф. д- р  Дејан Докиќ.

Нина Стефанова  

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ