До понеделник судот, а од вторник Груевски ќе го бара полицијата

Очекувањето утре Груевски да дојде во судот и службите да му ја врачат конечната одлука на кривичниот совет најверојатно нема да се случи. Предметот „Титаник“ каде обвинет е и Груевски е презакажан за во среда, бидејќи големите судници веќе се резервирани за предметите „Монструм“ и „Крвавиот четврток“.

Но, судот нема да чека до среда. Оттаму се категорични дека утре ќе ги направат последните напори да му ја врачат одлуката по жалбата, а ако тој не се јави со упатниот акт во „Шутка“ заклучно понеделник, веќе во вторник, Груевски ќе го бара полицијата.

„Ако судот одлучи дека Груевски ја избегнува одлуката, веќе во вторник следните чекори се присилно да биде спроведен во придружба со полицијата или издавање на налог за апсење, што е во согласност со судската пракса“ – Основен суд Скопје 1.

Неуспешни беа и петочните обиди на судскиот курир три пати да го најде на адреса каде што е пријавен по лична карта. Груевски соработува со неговите адвокати и веќе донеле одлука како ќе делуваат од утре. Одбраната на Груевски смета дека двете барања во молбата за одлагање која им беше одбиена биле доволни.

„Нема да поднесеме молба за одлагање по нов основ, важно е предметот да стаса до врховен“, кажа Димитар Дангов адвокат на Никола Груевски.

И да поднесат нова, според законот за извршување санкции тоа барање не го одлага почетокот на  издржувањето на казната. Но, одлагање на казната нема ниту за барањето до Врховниот суд, единствено што Дангов се надева е на брз одговор од Врховниот суд за одлагање на извршувањето на пресудата доколку предметот  стаса во врховнито суд.

Матичната партија на Груевски преку сегашниот лидер Христијан Мицковски, кој денеска се појави на одбележувањето на првата светска војна во Битола, уште еднаш повтори дека против почесниот претседател се води политички прогон, коментирајќи ги последните одлуки на судот.

Груевски за набавката на луксузниот мерцедес во МВР доби двегодишна затворска казна за кривично дело примање награда за противзаконито влијание во предметот „Тенк“ воден од СЈО. Собраниската комисија предложи да му се одземе мандатот, но за тој предлог не гласаа 80 колеги, а Груевски остана пратеник.

Павле Беловски

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ