Дилеми околу видеото на фејсбук страницата “Другата страна на политиката”

Ова е дел од двеминутното видео, наречено Ексклузивно интервју, што го објави фејсбук страницата Другата страна на политиката.

Го претставија како потрага по „човекот, а не политичарот во претседателските кандидати“, снимена со оние што ја прифатиле поканата.

Гледајќи само двајца од вкупно тројца кандидати, многумина го ставија ова во контекст на срдечната прегратка меѓу противкандидатите Гордана Силјановска и Блерим Река, за разлика од формалното ракување со Стево Пендаровски, при потпишувањето на Кодексот за фер избори, ден пред почетокот на изборната кампања.

На ваквото толкување му кумуваше и статусот на Силјановска:

-Сакам да споделам со вас едно видео, за мене лично, многу драго. Јас и мојот противкандидат Блерим Река во интервју за „Другата страна на политиката“.

„Во врска со неовластено видео што циркулира на Фејсбук, информираме дека нашиот кандидат не снимал заедничко видео со Силјановска“, реагираше изборниот штаб на Река.

-Ова видео не е ниту производено ниту нарачано од штабот на Река. Автор е „Другата страна на политиката“, на чија покана се одзва нашиот кандидат, но не и Пендаровски. Од тоа се создаде забуна дека Река и Силјановска снимиле заедничко видео, што не е вистина.

Реагираше и Стево Пендаровски. Твитна:

-Не е точно дека сум добил покана за вакво снимање. Но разбирам ако Силјановска сакала да си сними сама видео со Река. Она што е загрижувачко е бегањето од дебата на Телма за која уште нема објаснување.

Групацијата „Другата страна на политиката“ веднаш се огради од, како што велат, „сите политички контексти и поврзување со политички субјекти“.

Покажаа дека упатиле покани до сите тројца кандидати и дека се уште важи поканата за таканаречена „креативна средба“ со Стево Пендаровски.

Профилот е отворен кон средината на март во функција на претседателските избори со објаснување: „група млади интелектуалци, револтирани од досегашните тридецениски лоши и погрешни избори на граѓаните, се обидуваат да им помогнат да одлучат за кого да го дадат гласот и каков профил на претседател ни е потребен“.

Според првото објавено видео, идниот претседател треба да биде: горд патриот како Колинда Грабар, мудар како Ангела Меркер, да ја брани националната кауза како Милош Земан, достоинствен како Данило Турк, цврст како Маргарет Тачер и борец за владеење а правото како Барак Обама.

Соња Николовска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ