Џо Бајден влегува во трката за Претседател на САД

Во видео пораката со која ја обелодени својата кандидатура, Бајден жестоко го нападна Претседателот Доналд Трамп во однос на неговиот став по смртоносните судири во текот на протестите на белите расистички организации од екстремната десница во градот Шарлотсвил, Вирџинија, 2017-тата година.

Трамп, кој ја ужива поддршката на екстремната десница па дури и на Кју Клукс Кланот, тогаш одби да ги осуди белите расисти, и оцени дека има фини луѓе на двете страни.

“Многу фини луѓе од двете страни? Со тие зборови, Претседателот на САД морално ги изедначи оние кои ја шират омразата со оние кои имаат храброст да и се спротистават. Во тој момент јас сфатив дека заканата за оваа нација е поголема од секоја друга што сум ја видел во мојот живот” – изјави Бајден.

76 годишниот Бајден е 20-тиот пријавен кандидат за освојување на номинацијата на Демократската партија и најискусниот од сите.

Зад себе има 6 мандати како сенатор, двата пати имаше неуспешна кампања за Претседател, во 1988-та и 2008-та година, а беше и потпретседател на САД, во текот на двата мандати на Барак Обама.

Тој беше еден од фаворитите повторно да се кандидира за претседателската функција и во 2016-тата година, кога Трамп беше избран, но тоа не се случи откако неговиот 46 годишен син, Бо Бајден, почина од мозочен тумор.

Бајден влегува во трката како умерен кандидат од политичкиот центар, со поддршка од естаблишментот, наспроти сенаторите Берни Сандерс и Елизабет Ворен, кои ја предводат прогресивната левичарска струја на Демократската партија.

Неговите поддржувачи сметаат дека блискоста на Бајден со работничката класа од американскиот среден запад, ќе биде пресудна демократите да ги вратат под своја контрола државите како Пенсилванија, Охајо, Мичиген, Илиниос, Висконсин и Индијана, кои минатите избори гласаа за Трамп.

“Една од клучните предност на кандидатурата на Бајден е дека тој има добар контакт со обичните луѓе. Знае како да зборува со обичните граѓани на јазик и за темите за кои тие се заинтересирани” – подвлече  Мајкл Траго од центарот за политички студии на Универзитетот во Мичиген.

Поранешниот потпреседател на САД сепак има и политички багаж, проблематичен за либералната струја на Демократската партија – неговата поддршка за војната во Ирак, спротиставувањето на обидите за подобрување на расната интеграција, како и контроверзите околу несоодветното однесување со повеќе жени, кои го обвинија дека им го нарушил личниот простор, прегрнувајќи ги и бакнувајќи ги во главите.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ