Далеку зад Европа по бројот на задругите, 11 задруги добија 150 илјади евра

За разлика од земјите на ЕУ каде дури 40 отсто од земјоделската дејност оди преку земјоделските задруги, во државава нивниот број е мал и бавно се развиваат. Делагацијата на ЕУ е загрижена, велат задругите се важен сегмент на европската економија. Во Унијата има 22 илјади задруги со 6,2 милиони членови и приближен годишен обрт од 350 милијарди евра.

„Од друга страна, имам загриженост во однос на состојбата на задругите во вашата земја, каде бројот е релативно низок, со ниски зголемувања во текот на годините, затоа верувам дека проектот на финансирање ќе има голем придонес за развој на земјоделските задруги“, вели Костантинос Соупилас, програмски менаџер од Делегацијата на ЕУ.

Засега кај нас функционираат 40 задруги, клучниот проблем со кој се соочуваат е недодефинираната правна рамка.

„Задругите имаат проблеми, да се дефинира законски што се здружува во земјоделска задруга, се работи на законски измени да се прецизира дека со сопствените статути се дефинира кои модели и начини на формирање на задруги“, вели Менде Ивановски, претседател на Асоцијацијата на задругите.

На меѓународниот ден на задругите, власта се обврза да им помага на земјоделците да се здружуваат. Единаесет задруги добија на располагање 150 илјади евра да набават десет трактори, пет тракторски приколки и берач на овошје, но и да им се покријат основните трошоци, како и просечна плата на управителите. Треба да донесат пристојно вработување за земјоделците и тие да не ги напуштаат селата.

„Кога се здружени земјоделците можат полесно да реализираат крупни инвестиции, да конкурираат за мерките од националните и ИПАРД програмата, а со тоа полесно да набавт механизација. Но,клучно е дека само здружени, земјоделците можат успешно да се справат со проблемот при пласман на производите“, вели Никица Бачовски, Министерство за земјоделство.

„За разлика од традиционалните претпријатија чија главна цел е максимизација на профитот, задругите имаат поширок вредносен систем. Заработувачката не е нивна единствена цел и примерно мерило за успех“, вели Николче Бабовски, директор на Платежна агенција.

ЕУ, пак, ќе одобри 50 илјади евра за 20 постоечки, но и нови задруги да купат механизација, ладилници, но и да почнат нови агробизниси.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ