Дете без хронични болести почина од морбили – ова е трета жртва досега

Морбилите ја земаа третата жртва – 13 месечно дете од тетовско кое три недели се борело со сипаниците. Не било вакцинирано, а поради тоа му била тешка клиничката слика. Не може да се утврди каде се заразило.

Ова е дете коешто не било претходно болно од никаква хронична болест, а заболело само поради тоа што не било вакцинирано. Здравствените власти повикуваат населението масовно да се вакцинира затоа што епидемијата ќе продолжи и во наредниот период.

Од Институтот за јавно здравје го анализирале случајот со најновата жртва. Објаснија дека детето имало други тегоби поради кои било испратено на лекување на Детска клиника, а потоа го испратиле да се лекува дома. Но, кога детето заболело од морбили го испратиле и на Инфективна.

„Детето на 21 јануари заради други тегоби било префрлено на Клиниката за детски болести во Скопје кадешто било лекувано. Потоа е вратено во домашни услови. Меѓутоа во петокот спрема сабота е префрлено на Инфективна клиника заради типична клиничка слика на морбили. Бидејќи клиничката слика покажувала многу тешка состојба, истото е префрлено во ноќните часови на Педијатрија и таму егзитира во доцните часови“ вели д-р Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје.

Здравствените власти се гневни заради нискиот опфат на вакцинација досега. Не верувајте во се што ќе прочитате на социјалните мрежи – порача епидемиологот Караџовски.

„Секој на возраст од шест месеци па натаму до 45 години, а не е вакциниран – треба да се вакцинира. Што друго да ви кажам?! Родител кој имал 31 година, доживотно ќе го носи детето на душа затоа што не сакал да се вакцинира. Дете кое е ниту криво, ниту должно и има други болести – ама родител ако не сака да се вакцинира ќе го носи на душа детето“ дополнително рече Караџовски.

Досега, заради компликации и тешка клиничка слика предизвикана од малите сипаници, починаа три деца – сите невакцинирани. Епидемијата ќе продолжи, ако драстично не порасне бројот на вакцинирани.

Петар Догов

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ