Десетици жртви во терористички напад во Нов Зеланд

49 лица загинаа а најмалку 20 се повредени при оружен напад врз две џамии во Красјчрч на Нов Зеланд. Полицијата уапси три лица, од кои само за еден утврдила дека го извршил нападот. Напаѓачот, австралиски државјанин, целиот напад го пренесувал во живо на социјалните мрежи преку камера поставена на неговата глава.

Јасно е дека ова може да биде опишано само како терористички напад. Од тоа што го знаеме, се чини дека бил добро испланиран, изјави премиерката Јасинда Ардерн.

Покрај апсењето на напаѓачите, полицијата открила и две експлозивни направи поставени на нивните возилата. Веднаш по нападите, властите го затворија целиот град и им препорачаа на жителите да не излегуваат од своите домови.

Имаме затворено повеќе училишта, во моментов се обидуваме да обезбедиме доволно луѓе за да ја покриеме областа со доволно опрема, за да се осигураме дека кога повторно ќе ги отвориме луѓето ќе можат безбедно да стигнат дома, рече комесарот на Новозеландската полиција Мајк Буш.

Преживеаните сведочат дека и двете џамии биле полни со верници кога напаѓачот влегол и отворил оган.

Три четири минути по почетокот на говорот слушнавме истрели од главниот влез на зградата. И тогаш сите почнаа да бегаат кон задните врати за да се спасат, вели Махмуд Насир кој бил присутен во џамијата Ал Нур.

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ