Денеска официјално започна трката по најпрестижната филмска награда во светот

Црно белата драма „Рим“ во режија и по сценарио на Алфонсо Куарон  и историската драма „Омилена“ на режисерот Јоргос Лантимос освоија по  десет номинации за Оскар.   По 8 номинации имаат „Ѕвездата е родена“ и „Потпретседател“, а 7 номинации има „Црниот пантер“.

Мексиканскиот филм  „Рим“, кој е делумно автобиографска приказна за растењето на Куарон во Мексико Сити, му донесе номинација за режија и оригинално сценарио, како и за најдобар филм. Јалица Апарисио е номинирана за најдобра  актерка, Марина де Тавира за споредна женска улога. Филмот доби номинации и за директор на фотографија, филм од неанглиско говорно подрачје, продукциски дизајн, звук и монтажа на звук.

„Омилена“, филмот кој го разоткрива односот меѓу две братучетки кои се борат за наклонетоста на кралицата Ана  на почетокот на 18-от век, им донесе актерски  номинации на Оливија Колман, Ема Стоун и Рејчел Вајз, а доби и номинации за режија, оригинално сценарио, директор на фотографија, монтажа, костими и продукциски дизајн.

Покрај „Рим“ и „Омилена“ , во главната категорија најдобар филм номинирани се и „Црниот Пантер“, „Црниот член на Кју-Клукс-Клан“, „Боемска рапсодија“,  „Зелена книга“,  „Ѕвездата е родена“ и „Потпретседател“.

На Оскар за најдобар режисер се надеваат Спајк Ли за „Црниот член на кју клукс клан“, Павел Павликовски за „Студената војна“, Јоргос Лантимос за  „Омилена“, Алфонсо Куарон за „Рома“ и Адам Меккеј за „Потпретседател“.

Хит мелодрамата на Бредли Купер „Ѕвездата е родена“ му донесе номинации за најдобар актер и адаптирано сценарио, на поп ѕвездата Лејди Гага за најдобра актерка и филмска песна Shallow, а на Сем Елиот за споредна машка улога.

 Неверојатните трансформации им донесоа номинации за најдобар актер на ѕвездата на „Боемска рапсодија“, Рами Малек како Фреди Мерјкури и Кристијан Беил за улогата на поранешниот американски потпретседател Дик Чејни. Биографскиот филм „Потпретседател“ им донесе актерски номинации и на Сем Роквел и Ејми Адамс. Меѓу номинираните за најдобри актери се и Глен Клоуз за улогата во  „Сопруга“, Вилијам Дефо за  „Пред портата на вечноста“,  Виго Мортенсен за „Зелената книга“, Мелиса Меккарти за „Ќе ми простиш ли некогаш?“.

Марвеловиот блокбастер „Црниот пантер“ на режисерот Рајан Куглер е прв фим за суперхерој номиниран за најдобар филм, кој освои вкупно 7 номинации.

Членовите на Американската Академија за филмски  науки и уметности ќе почнат да гласаат на 12-ти февруари, а имињата на победниците ќе ги дознаеме на 91-то Оскаровско шоу на 24-ти февруари.

Миланка Рашиќ

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ