Дали убиствата се оправдани во демократска Европа

Претставата која е работена според вториот дел од  трилогијата„ Орестија“, насловен „ Надгробно жртвување“, е фокусирана на причините и на убиството на мајката Клитемнестра и на нејзиниот љубен Ајгист, од страна на синот Орест, како одмазда за убиството на таткото Агамемнон. Магичниот круг на злосторства од семејството на власт, се одразува на целото општество, отворајќи повеќе прашања, поврзани со значењето на демократското уредување во Европа денес и со оправданоста на убиствата, вели режисерот Димитријевиќ.

  • Дали можеме да разговараме за демократија во 21 век во Европа, каде што цели региони географски припаѓаат на таа иста Европа, а се изопштени од целото тоа живеење, поради некакви договори, унии и слични работи., вели режисерот Ивица Димитријевиќ.

Покрај демократијата, реобмислувањето на улогата на античкиот хор во современиот театар беше задача за екипата. За таа цел беа одржани работилници со млади луѓе на возраст од 16 до 22 години кои го оствариле или допрва ќе го остварат гласачкото право. Нивните ставови станаа реплики на хорот, кој во претставата е присутен преку социјалните мрежи, а и низ играта на актерот Жарко Јовановиќ, кој ја претставува публиката. Сознанијата од работилниците се поразителни, вели координаторката на претставата.

  • Сите кои што ги имавме во групата сакаат да живеат на некое друго место, сакаат да се преселат надвор од Македонија, дури и кога правевме вежби во кои тие земаат ликови кои што се на различни позиции во општеството, вели актерката и координаторка , Јасмина Василева.

Настапуваат Стефан Вујисиќ, Наталија Теодосиева, Драгана Лошкова и Димитрија Доксевски. Основа за нив е текстот на Ајсхил, но во драматизацијата се вметнати и делови од Шекспировиот „ Јулије Цезар“, од политичките „ бомби“ и други материјали.

  • Исто така овдека се инкорпорирани и авторски мои текстови. Текстови од уметничкиот тим, од Ивица и Јасмина и т.н, вели драматургот на претставата, Билјана Крајчевска.

„ Орестија 1/4 “ е копродукција меѓу МКЦ и театари од Лондон, Минхен и Грац, подржана од програмата Креативна Европа. По изведбата на сите три дела во секоја од земјите- копродуценти, претставата интегрално ќе биде изведена на МОТ, идната година.

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ