Дали можеме да се надеваме на подобри услови во културата?

Скептични, но сепак со доза на оптимизам дека нештата можат да бидат подобри. Се надеваат дека нема да се соочуваат со некои работи кои ги гледале изминатите години, се желбите на уметниците во пресрет на Новата година. Речиси се навикнавме да работиме во субстандардни услови и скандалозни одлуки, сепак две нешта се важни за почеток: нивелација на платите на вработените во културата и годишна програма која би имала јасни критериуми за квалитет, вели режисерот Јанакиевиќ.

„Што се однесува до културата, треба да го видиме годишниот конкурс што поминало, што не поминало.  Лани беше проблематично на многу моменти, преклани беше дури и скандалозно, така што ние сме навикнати да работиме во некои услови на проблем. Се надевам дека оваа година нема да ги има“, кажа Срѓан Јанакиевиќ, режисер.

„Она што ни пречеше сигурно има повеќе работи, генерално тоа што не се расчистува со работите од минатиот систем во културата. На кој начин насилно се имплементира во културата. Сметам дека појасно треба да се расчисти со тоа минато и да се случат вистински реформи во културата“, кажа Филип Јовановски, визуелен уметник.

Малкумина се свесни дека начинот на кој и пристапувате на културата многу влијаа на севкупниот начин на кој размислува нацијата, вели Јанакиевиќ. Не треба да се заборави колку е важно тоа што се создава тука, да се претстави вон границите на нашата земја, сметаат Јовановски и Јаначиевиќ.

„Колку помалку инвестирате во култура, толку добивате повеќе на простаклук, а исходот знаеме каков е на крај. Треба сериозно да се внимава, тоа не се ни големи пари на крајот на денот кога ќе видите. Треба сероизно да се инвестира во подигање на свеста. Јас сум прилично задоволен каква публика имаме, но не сум сигурен во тој културен круг колку луѓето се отворени во размислувањето, во тоа како треба да се оди напред, во тоа дека се прилично затворени“, кажа Срѓан Јанакиевиќ, режисер.

„Очекувам уште поконкретно кога зборуваме за насилно имплементирање на култура, малку појасно да се занимаваме со Скопје 2014. Појасно да се одговори на тој   проект“,кажа Филип Јовановски, визуелен уметник.

Најпрво мора да се расчисти со нештата кои доведоа до дискутабилни и скандалозни решенија, јасни критериуми во начинот на кој се вреднува културата по дејности, за потоа да можеме да се надеваме на подобри нешта, вклучувајќи ја и слободата во начинот на кој истите можат да бидат поздравени или критикувани, заклучуваат нашите соговорници.

Нина Стефанова

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ