Да не се прокоцка шансата, НАТО и ЕУ ќе бидат светлина за економијата

За бизнисот, новиот политички моментум во државата претставува светлина на крајот на тунелот. Чинот на постигнување на договорот за името кој би значел покана за членство во НАТО и почеток на преговорите со Европската унија ќе даде позитивен импулс за економијата, но оваа можност треба многу добро да се изменаџира од страна на Владата во политичка смисла, за да не дојде до евентуален неуспех на референдумот и целиот процес да се врати на почеток, е првичниот став на Стопанската комора на северозападна Македонија.

„Позитивен е моментот бидејќи во државата се добива политичка сигурност и стабилност, тоа што е клучно за инвестициите, како за домашните, така и за странските. Може да се земе предвид примерот со Албанија, која по членството во НАТО доби огромни странски инвестиции, кои имаат и тоа како гоелм придонес во растот и развојот на таа држава. Така да, овој моментум не треба да се прокоцка од страна на политичките актери, треба да се искористи и да се тера понатаму, да се работи на економските прашања“, вели Дрилон Исени, извршен директор на Стопанската комора на Северозападна Македонија.

Влезот на странските инвеститори за домашните компании ќе значи голема можност да успеат да се поврзат со нив и да им ги пласираат своите производи и услуги. Кај овдешните фирми овие две придобивки ќе ја зголемат политичаката и безбедносната сигурност и ќе влијаат врз нивното расположение и доверба повеќе да инвестираат во нови индустриски капацитети, нови производи и пробивање и на нови пазари во светот и регионот, велат од Комората на северозападна Македонија. Економскиот раст кој во првиот квартал беше само 0,1 отсто има шанси да се забрза во наредниот период, но само доколку администрацијата ефикасно ги истурка капиталните инвестиции.

До подготовката на овој прилог, од најголемата бизнис групација, Стопанската комора на Македонија, не успеавме да добиеме став како договорот за името ќе влијае врз економските индикатори.

Од Сојузот на стопански комори, пак, кусо ни изјавија дека нивниот Управен одбор се уште не се состанал по однос на вчерашната вест, за да изгради конкретен став.

„Единствено што можеме да кажеме е дека оваа комора во изминатиот период на бизнис план има одлична соработка со Грција, како еден од поголемите трговски партнери на земјава. Ние имаме потпишано прв билатерален договор за соработка и вмрежување на бизнисмените од двете држави“, велат од Сојузот на Стопански комори.

После Германија и Велика Британија, Грција во моментов е третиот по големина трговски партнер на земјава. Во првите 4 месеци од годинава размената со таа земја продолжила да расте, но од таму многу повеќе сме увезувале, 192 милиони евра, а извозот во Грција бил 62 милиони евра. Бизнисмени од Грција сметаат дека има шанси соработката многу повеќе да порасне кога ќе се надмине догогодишниот проблем меѓу двете држави.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ