Четвртина од светската популација во изолација

Една четвртина од светската популација е во изолација поради пандемијата на Ковид-19, откако Индија денеска им нареди на своите 1,3 милијарди жители да останат дома во следните три недели. Речиси 450.000 заболени од вирусот има на глобално ниво од кои до сега починаа 19.975 лица. ООН денеска ги повика најразвиените држави да им помогнат на сиромашните во борбата со пандемијата, предупредувајќи дека и покрај релативно малиот број на до сега заболени во нив, сепак тие се најризични.

Најлошото нешто кое може да се случи е да се потисне болеста во развиените држави, но да се дозволи таа да се шири како пожар кај земјите во развој, каде милиони пренесувања ќе се случат, милиони луѓе ќе умрат и ризикот за мутација ќе биде таму, што значи дека вирусот ќе се врати на начин на кој дури ниту вакцините, за кои се надевам дека наскоро ќе бидат подготвени, нема да можат да го запрат, изјави Генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш.

Кина денеска го укина карантинот за провинцијата Хубеи, од каде започна да се шири вирусот. Земјата и натаму има најмногу заболени од почетокот на пандемијата, но со по неколку илјади нови случаи дневно, Италија и САД веќе и се приближија. По бројот на смртни случаи најпогодена е Италија каде со денешните 683 смртни случаи вкупниот број се искачи на 7.503 починати, па Шпанија со 3.434 од 47.610 заболени. Шпанија бележи постојано зголемување на бројот на пациенти кои ги преплавија болниците.

Се плашите за себе, се плашите дека ќе го донесете вирусот дома поради вашето семејство. Логично е што сме емотивно поразени затоа што гледаме дека ни се продолжува престојот во болницата, морате да ги удвоите напорите затоа што пациентите се респределени низ повеќе одделенија. Смените исто, не можете да земете слободни денови затоа што нема доволно персонал. Затоа мораме да доаѓаме на работа затоа што персоналот се намалува, вели Луиз Диаз Изкиердо, лекар во Итната служба во Мадрид.

Заболени од коронавирусот има во вкупно 196 држави а Европа продолжува да биде жариште на пандемијата, затоа што во првите 20 најпогодени држави дури 12 се европски.

На Балканот најпогодена е Грција. Со денешните нови 78 заболени вкупниот број достигна 821 од кои до сега починаа 22 лица. Словенија има 528 заболени, Хрватска 442, Србија 384 а Бугарија 242. Смртен случај како резултат на вирусот има во сите балкански земји.

Игор Трајков

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ