Четврти парламентарни избори во Шпанија во последните 4 години

Гласачите во Шпанија се враќаат денеска на гласачките места, по четврти пат во последните 4 години и втор пат оваа година.

По претходни избори, кои се одржаа во Април, Социјалистичката партија освои најголем број места во Парламентот, но без мнозинство и не успеа да формира коалиција за владеење.

Ова не е нов проблем за Шпанија, каде нема стабилна влада од 2015-тата година.

Денешното гласање се одвива во сенка на немирите во Каталонија и подемот на партијата на крајната десница Вокс.

Откако во април освоија најмногу мандати, социјалистите се обидоа да постигнат договор за коалиција со левичарската партија Подемос, но откако тие преговори завршија без успех до септември, мора да се одржи ново гласање.

Сепак, предизборните анкети не навестуваат дека на денешното гласање ќе има значително поместување и се очекува продолжување на политичката криза. Уште полошо, се предвидува и зголемување на бројот на луѓето кои нема воопшто да гласаат, од 28 на 35% од гласачите.

Не очекувам премногу од гласањето. Очекувам да биде исто. Мислам дека ова е вовед во новите избори, затоа што новата влада нема да може да се формира наскоро” – вели граѓанин на Мадрид.

“Се надевам дека ќе излеземе од ќорсокакот, иако се сомневам дека ќе може да гласаме постојано вака. Веќе гласавме четири пати во последните 4 години и се надевам дека ќе се постигне договор” – подвлекува жителка на Мадрид.

Изборите се одржуваат помалку од еден месец откако шпанскиот Врховен Суд осуди 9 лидери на каталонските сепаратисти на долги затворски казни, што доведе до протести и насилство на улиците на Барселона и други градови во Каталонија.

Кризата во Каталонија доминираше во изборната кампања, при што партиите од десницата зазедоа остар став против сепаратистите. 

Никола Илиевски  

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ