Култура

Културата и културното наследство се двигатели на развојот и гаранти за мирот

Обединетите нации на 24 октомври ја одбележуваат годишнината од стапувањето во сила на Повелбата на ООН во 1945 година. Со ратификувањето на овој основачки документ од мнозинството нејзини потписнички, вклучувајќи ги и петте постојани членки на Советот за безбедност, Обединетите нации и официјално ја започнаа работата.

24 октомври се прославува како Ден на Обединетите нации од 1948 година. Во 1971 година Генералното собрание на Обединетите нации им препорача на земјите-членки да го сметаат овој ден за државен празник.

ООН се основани по Втората светска војна како замена за Лигата на народите, со иницијатива да се сопрат војните меѓу државите и да се обезбеди платформа за дијалог.

Целите на ООН вклучуваат промовирање и олеснување на соработката во меѓународното право, меѓународната безбедност, економскиот развој, социјалниот напредок, човековите права, граѓанските права и слободи, политичките слободи, демократијата и постигнувањето траен мир во светот.

Во продолжение ја пренесуваме порака на министерката за култура Ирена Стефоска: „Културата и културното наследство се двигатели на развојот и гаранти за мирот“, по повод Денот на ООН, 24 Октомври:

Во „Агендата 2030”, културата е дефинирана како главен двигател и креативна сила на одржливиот развој. Иако не фигурира како една од 17-те цели што треба да се постигнат во светот до 2030 година утврдени пред пет години од страна Организацијата на обединетите нации (ООН), културата е признаена како трансверзална вредност без која ниедна од тие цели не може да биде достигната.

Кога се вели „култура”, се мисли, секако, на културните индустрии коишто отвораат значителни можности за економски развој. Но, кога се вели „култура”, се мисли и на културното наследство, исто така прифатено во меѓународната заедница како трансверзална и незаобиколна вредност.

Доказ за тоа е и Резолуцијата бр. 2347 едногласно усвоена од Советот за безбедност на ООН на 24 март 2017 година.

За првпат во историјата една резолуција на Советот за безбедност беше посветена исклучиво на заштитата на културното наследство и неговата улога за мирот и безбедноста во светот.

Затоа, кога велиме „културно наследство”, не мислиме само на реставрација на мозаици, фрески или арабески туку мислиме и на заштитата на најскапоценото што го носиме во нас, како наследници на претходните генерации.  Кога велиме „културно наследство”, мислиме и на заштитата на мирот, најскапоценото добро на нашето општество.

УНЕСКО, како една од специјализираните агенции на ООН со која Министерството за култура одржува редовна соработка, тврди дека „единствениот начин да се постигне таков развој што ќе биде и правичен и инклузивен и ќе го подобри навистина животот на граѓаните е културата да се стави во центарот на развојните политики”.

Со други зборови, без култура нема одржлив развој! Културата е таа што има моќ да оствари општествена кохезија без која не може да се оди напред. Kултурата е таа што ги прави луѓето духовно побогати и посилни, а тоа значи и посигурни во себе и похрабри да одат напред.

24 Октомври, Денот на Организацијата на обединетите нации, во која нашата земја членува од 8 април 1993, а како федерална република во рамките на СФРЈ уште од самото основање на ООН, е убав повод да се потсетиме дека културата е основа на одржливиот развој и основа на мирот.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Шекспир и Сервантес во фокусот на Денот на книгата во Скопје – предавања на евроамбасадорот Гир и шпанскиот амбасадор Гарсија на Филолошки

Дејан Дејан

Дали читањето на книги е сѐ уште во секојдневната рутина на човекот?

Дејан Дејан

Јовица Тасевски – Етернијан : Книгите ни се посебно потребни денес кога светот е блиску до уништување

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе