Буџетот за 2020 да изнесува 4,46 милијарди евра

Буџетот за следната година да тежи 4,46 милијарди евра. Ваков предлог бил разгледуван на владината седница во вторникот, неофицијално дознава Телма. 

Дали истиот ќе биде усвоен или ќе претрпи измени, за сега никој не сака да коментира додека не бидат усогласени сите отворени прашања. 

Министерката за финансии, Нина Ангеловска, кажа дека буџетскиот дефицит ќе изнесува 2,3% од БДП.

Но, економистите уште веднаш ги отворија прашањата дали тоа ќе биде остварливо, и дали приходите се реално планирани?

Во предлог буџетот за следната година, кој се уште не е официјален и кој не беше усвоен на претходната владина седница, планирано е вкупно задолжување од една милијарда евра.

Од нив, околу 400-тини милиони евра се домашно задолжување.

Останатите 600 милиони евра се задолжувања во странство, од кои 500-тини милиони евра се евро-обврзница.

Останатите се кредити од меѓународните финансиски институции.  Сепак, со оглед дека задолжувањата се проектирани на една милијарда, а за раздолжување стигнуваат 600 милиони евра, тоа значи дека нето задолжувањето на земјата ќе изнесува 400 милиони евра.

Капиталните расходи за следата година се планирани на сума од 378 милиони евра, што е помалку од она што беше планирано со буџетот за оваа година, каде за сега има најслаба реализација на капитални инвестиции.

Дали истите ставки од предлогот што бил разгледуван, ќе останат и во буџетот што треба да биде усвоен на следната владина седница е неизвесно, особено ако се има предвид дека и министерката за финансии кажа дека некои прашања се уште се отворени за одредени проекти и мерки.  

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ