Британскиот парламент пред клучното гласање за излез од ЕУ

Новиот договор на британската премиерка за Брегзит целосно не го елиминира ризикот земјата да остане поврзана со ЕУ.

Ова е ставот на британскиот државен обвинител, Џефри Кокс, за договорот на Тереза Меј, која по 11 часа убедувања, успеа од Брисел да извлече правно обврзувачки гаранции за договорот, кој денеска ќе се гласа во британскиот парламент.

  • Правниот ризик, како што соопштив во моето писмо од 13-ти ноември останува непроменето. Прашањето до Парламентот е дали, во светло на тие подобрувања, како политичка одлука, сега треба да се согласи со тие договори, изјави државниот обвинител Џефри Кокс.

Правното мислење од Кокс е нов удар за Меј која се обидува да добие поддршка од пратениците. Правно обврзувачкиот договор предвидува заштитен механизам, со кој се гарантира дека границата меѓу Република Ирска и Северна Ирска ќе остане отворена и по излезот на Британија од ЕУ. Но, токму тој заштитен механизам, според Меј, треба да гарантира дека Брисел нема да може да делува на начин со кој би ја држел границата бесконечно отворена.

Во моментов, британскиот парламент детално го разгледува новиот договор на Меј. Дел од пратениците најавија дека нема да дадат поддршка.. Но, од Брисел предупредија дека ова е тоа.

  • Во политиката понекогаш добивате и втора шанса, а тоа е она што го правиме со оваа втора шанса што се брои, бидејќи нема да има трета шанса, нема да има понатамошно толкување на толкувањата и нема понатамошни гаранции за гаранциите, ако важното гласање утре не успее. Да бидеме кристално јасни за изборот, или овој Договор, или Брегзит може и да не се случи, предупреди претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер.

На Лондончани им е преку глава од пролонгираните преговори, и кашата во која се наоѓаат по одлуката да ја напуштат унијата. Се надеваат дека денеска парламентарците ќе донесат одлука.

  • Мислам дека политичарите треба да се соземат и да делуваат заедно. Мислам дека на целата јавност веќе и се гади од ова одолговлекување, и мислам дека политичарите си мислат само за себе, а не за народот во оваа земја, смета државната службеничка.

 Разводот официјално е закажан за 29 март. Но, и да биде изгласан вечерва Договорот, во пракса, британската влада нема да има време да ја прилагоди законската регулатива на новиот договор со ЕУ. Затоа голема е веројатноста Лонодн да побара одложување, што ќе го добие барем до изборите во ЕП закажани за крајот на мај.

Алиса Шутиноска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ