Бомбите се објавуваат од сајт регистиран во Холандија со видеа постирани од Франција а интернет код од Јужниот Пацифик

СЈО се уште ги анализира бомбите на Ел Чека, кичевското обвинителство се уште истражува а бројот на прислушувани разговори објавени на интернет постојано расте.

Последното седиште на бомбите, порталот Клани Зајазит повторно е активиран. Освен разговорите објавени претходно има и нова аудио снимка.

Проверката што ја направи Телма покажа дека IP адресата на веб сајтот е регистрирана пред 6 дена во Холандија и е со седиште во Амстердам.

Видеата со бомбите се поставуваат од друга IP адреса од Франција и најверојатно од друг сервер. Ова според познавачите е со цел да биде поголема заштитата и да не може да биде лесно урнат порталот.

Се користи интернет домејн ТК  кој потекнува од далечниот остров Токелау во јужниот Пацифик.

Од СЈО велат дека се уште не е завршена анализата која треба да даде одговор дали и колку  ауди снимки од тие што ги поседуваат, содржински се совпаѓаат со јавно објавените периодов.

Свиркачот Звонко Костовски кој ги префрлал прислушуваните разговори од системитее во УБК на УСБ стик во разговор за Tелма рече дека не може да потврди дали меѓу илјадниците аудио снимки ги изнел и овие.

Не сакаше да даде изјава но кусо искоментира дека не би можел да знае, мегу другото и поради тоа што се на албански.

Костовски денеска второ рочиште по ред одговара на прашања на поранешниот шеф Сашо Мијалков кој е обвiнет во процесот Таргет за масовното прислушување.

Мијалков  се обиде да го дикредитира сведочењето на клучниот сведок, го прашуваше Костовски дали има докази за своите сведочења, дали лаже,  па дури и алудираше дека некој им плаќал нему и на  колегата Ѓорги Лазаревски за да ги собираат бомбите.

Мијалков рече дека Костовски имал акции во вредност од 40 илјади евра. Тој одговори дека тоа е лага и шпекулација и дека може да се провери.

Екс шефот на Тајната полиција му постави повеќе прашања на сведокот во насока на својата теза дека прислушувањето не се вршело од УБК туку дека постоела опрема која им ја презентирале од израелска фирма -тактички уред со кој во исто време симултано можат да се следат 30 разговори, нешто што беше претставено од тогашната власт како комбиња што шетаат по центарот на Скопје и снимаат.

Костовски беше дециден дека со таквиот уред квалитетот на звукот на едниот соговорник би бил многу полош од другиот што не случај со разговорите снимени на системите за прислушување. И дека без разлика кој производител ја прави опремата резулатот ќе е ист бидејки тоа е физика рече Костовски. Ваквиот одговр не му се допадна на Мијалков кој искоментира дека тоа не е точно а судијката го опомена дека не треба да ги коментира одговорите на сведокот.

Елена Ивановска Мукоска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ